Скопје е многу бучен град. Голем удел во тоа даваат и моторџиите. Да, не сите, ама има многумина кои намерно ги „турираат“ снажните мотоцикли за да заглушувачки „рикаат“.
Дали во тие моменти таквите моторџии сметаат дека се лавови не е познато. Познато е само дека скопјани немаат сон од нив. Особено оние кои живеат покрај булеварите „Партизански Одреди“, „Јане Сандански“…
И така е со години особено во пролет и лето. А целиот тој период полицијата ветува дека ќе ги скроти „лавовите“.
Па така, и во текот на вчерашниот ден сообраќајната полиција во Скопје во периодот од 19.00 до 00.00 часот реализирала зајакната акциска контрола за санкционирање на прекршоци што ги чинат возачите на мотоцикли.
-Во акцијата беа контролирани повеќе од 115 мотоцикли и мотори, а санкционирани се 56 возачи. Од нив, 17 возачи не користеле заштитна кацига за време на возење, девет возачи возеле без возачка дозвола, 11 возачи имале несоодветна категорија, четири мотоцикли не биле регистрирани, три возачи не носеле со себе сообраќајна дозвола, еден возач бил под дејство на алкохол, еден не застанал на даден знак СТОП…, наведуваат од МВР.
Добро е тоа што има казни за несовесните возачи. Делува дека бајаги било воочено-казнето до полноќ, ама, најчесто „лавовите“ по полноќ „шетаат“ по скопските булевари… Полицијата останува ли и подоцна за контроли или се разминуваат со оние кои треба да бидат скротени?
Инаку, од МВР и овој пат упатија апел до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.