Тринаесет лица се приведени, а најдени се и повеќе пакувања на разни дроги на роденденска забава која била растурена од страна на полицијата во вчерашната акција.
Полицијата соопшти дека забавата се одржувала во стан во Скопје, а се пронајдени повеќе пакувања со кокаин, марихуана, „екстази“, амфетамин, масло од хашиш и друга дрога. Приведени се 13 лица на возраст од 22 до 31 година.
-Полициски службеници од Секторот за недозволена трговија со дрога, вчера, околу 21.30 часот, извршија претрес на дом по претходно обезбедена наредба од Основниот кривичен суд Скопје во стан во центарот на Скопје, сопственост на правно лице. При претресот се затекнати 13 лица, кои присуствувале на роденденска забава, а пронајдени се повеќе пакувања дроги, с енаведува во соопштението.
Приведени се М. К. (22), В. А. (28), М. И. (28), С. Г. (23), Р. Ј. (22), Р. В. (31), Г. А. (23), Н. К. (22), П. Г. (27), М. И. (21), Н. Ш. (23), Т. П. (22) и В. М. (23).
Од МВР велат дека некои од лицата биле и затекнати додека консумирале дрога. Против сите приведени ќе биде поднесени соодветни пријави до надлежното Обвинителство.