Општина Центар е прогласена за највело-општината во Скопје и околината за 2023 година – признание што првпат годинава го воведува здружението на граѓани Центар за одржливи иницијативи заедно со групата ентузијасти, со цел подобро велосипедско Скопје, „На точак“. Освен овам награди беа доделени и во неколку други категории. Наградата од јавноста доби Општина Аеродром со освоени најмногу поени од граѓаните на јавната анкета. Општина Илинден освои награда за рурална општина со најголем исчекор, односно за општина што покажала најголем напредок инвестирајќи во нова велосипедска инфраструктура – велопатеки и паркинзи. Посебно признание и е доделено на Општина Гази Баба за остварување велосипедска рекреативна инфраструктура во должина на Вардар, која служи за поврзување со општините Аеродром, Центар и Карпош. Општина Петровец доби признание за општина со најголем потенцијал поради изведбата на првата велопатека во општината.
При бодирањето беа земени многубројни карактеристики и активности, кои општините ги сработиле за велосипедистите во периодот 2021-2023, а информациите беа побарани по пат на барање информации од јавен карактер. Покрај тоа, беше спроведена и јавна анкета наменета за граѓаните.
-Би сакале да нагласиме дека целта на овие награди е општините преку позитивен пример да ги зголемат заложбите за подобрување на велосипедската инфраструктура, а со тоа и за климатска акција. Се надеваме дека изборот ќе продолжи и во иднина, па дури и да се претвори во традиција, вели Мери Бакалова-Стојанова од здружението на граѓани Центар за одржливи иницијативи.
Оценувајќи ја велосипедската инфраструктура, речиси половина од испитаниците (48,2 отсто) изјавиле дека немало никакви нови инвестиции во последната една и пол година.
-Една третина од испитаниците (37,4 отсто) исто така изјавија дека нивната општина не презема ништо за безбедноста на велосипедистите. Повеќето од граѓаните што ги споделија своите мислења со нас велат дека не се чувствуваат безбедно да возат велосипеди со детско седиште или деца да возат сами нагласувајќи дека може да биде особено ризично, посочи Дарко Арсовски од „На точак“.