Демократски сојуз, Левица, ВМРО-НП, ЛДП денеска поднесоа предлог-закон за измени и дополнувања на Изборниот законик, со кој се предвидува една изборна единица на следните парламентарни избори, кои во редовен термин би се одржале кон средината на 2024 година, наместо досегашните шест.
Тие сметаат дека на ваков начин ќе се демонтира еднопартиското владеење и ќе се создадат основи за системски промени, за департизација, за деполитизација на државните институции и можности да се отвори борба против криминалот.
Тие добија поддршка и од СДСМ, како и на крајот на мандатот на претходниот собраниски состав, но владејачката ДУИ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ тогаш го блокираат донесувањето на предлог-измените на Изборниот законик со близу 6.000 амандмани.
-Една изборна единица е во интерес на демократијата и парламентаризмот и обезбедува поголема објективност во делот на застапување на граѓаните. Тоа ќе значи поправична застапеност на субјектите што ќе учествуваат во изборниот процес и исто така застапеност на помалите партии со соодветен праг, изјави денеска пратеникот Панчо Минов кој го кажа ставот на СДСМ, посочувајќи дека ова прашање за една изборна единица е дел од ветувањето на владејачката партија и дел од владината програма.
ВМРО-ДПМНЕ до пред извесно време цврто стоеше на ставот за враќање на мнозинскиот изборен систем за пратеници и предлогот изборите за градоначалници да бидат во еден, наместо како досега во два круга.