Поранешен германски вицеканцелар: Интеграцијата на мигрантите е неуспешна

Поранешниот лидер на германската Социјалдемократска партија (ГСДП) и поранешен вицеканцелар на Германија Зигмар Габриел изјави дека e неуспешна интеграцијата на мигрантите, ја пренесува неговата изјава „ДПА“. Габриел повика на нов курс во миграциската политика на Германија пред европските избори следната година.

– Луѓето не се слепи и можат да видат дека, од една страна, Европа не ги заштитува ефикасно своите надворешни граници, а од друга страна, ние не успеваме во многу области кога станува збор за интеграцијата на мигрантите кои пристигнаа овде. Резултатите од неодамна објавената студија на ПИСА во областа на образованието се еден од многуте докази за тоа, вели Габриел.

Според таа студија, објавена на почетокот на месецот, учениците на 15 и 16 години во Германија постигнале најниски резултати во читање, математика и природни науки досега забележани во земјата.

Габриел повика на нов курс во миграциската политика на Германија пред европските избори следната година.

– Колку помалку демократските партии зборуваат за оваа тешка тема на просветлен начин и без предизборен блеф, толку полесно ќе биде за АзД (екстремно десничарска Алтернатива за Германија), бидејќи за многу луѓе во Германија, прашањето за миграцијата е симбол на растечката несигурност, посочи тој.

Од јануари до ноември 2023 година, дополнителни 305.000 луѓе поднеле барање за азил во Германија, што претставува зголемување од околу 60 отсто во споредба со истиот период лани.

Претходна вестМаричиќ кажуваше што сработил годинава…
Следна вестДоделени признанијата „Златна Олимпија“