Старата скопска депонија “Вардариште” денеска повторно гореше. Спроти Јавното претпријатие “Лајка“ во попладневните часови избувна пожар по што веднаш се појавија и густи облаци чад. Интервенирале и пожарникарите по што огнот е локализиран. Се претпоставува дека поранешната депонија најверојатно почнала да гори сама од себе.
Инаку, ова не е првпат депонијата „Вардариште“ да гори за време на летниот период. Тоа, наназад со години, е чест случај со оглед на тони и тони најразлични отпадоци коишто таму се складирани. На таков начин ова поранешна градска депонија потсетува дека проблемот со неа со години не се решава…
А одамна е познато дека „Вардариште“, заедно со депониите кај ОХИС, е една од најголемите еколошки бомби на Скопје. Историјатот покажува дека оваа локација во далечната 1963 година, по катастрофалниот земјотрес во Скопје, кога имала намена како позајмиште на песок и чакал се до 1967 година. Потоа, на оваа локација започнува да се депонира секаков вид отпад, а интензивно се користи како депонија меѓу 1976-1996 година, при што се депонирале индустриски неопасен отпад, градежен шут, комунален отпад и друг вид инертен отпад. Децениското депонирање на отпадот било вршено на не повеќе од 20 хектари површина на локацијата. „Вардариште“ дваесетина години имаше улога на главна депонија за одлагање на отпадот од главниот град, иако не беше изградена според стандардите. Потоа, со изградбата на „Дрисла“ беше напуштена а оттогаш, практично, трааи и ветувањата дека ќе биде санирана. Ветувањата се даваа и се уште се даваат на изборите, како за скопски така и за општински градоначалници. „Ќе направиме парк, ќе направиме спортски голф терени, ќе се користи насобраниот гас…“, се слушаат од избори до избори. Но, никој потоа ништо не направи за оваа локација којашто и натаму го загадува градот. Никој не се ни обидува да најде од 20-40 милиони евра колкушто се потребни за темелна реконструкција. Денешниот пожар само одново потести на тоа…