Поради намалување на маржите: Некои сопственици најавуваат затворање на бензинските

Воведувањето нова маржа за трговците со горива, односно нејзиното драстично намалување за 33 проценти од 4.5 на три денари, предизвика бурни реакции кај компаниите кои се занимаваат со овој бизнис.

Најжестока е реакцијата кај сопствениците на бензинските станици во источниот дел на државата кои најавуваат дека ќе ги затворат.

– Маржата и претходно беше навистина мала, но со сегашното намалување нашите загуби ќе бидат екстремно високи. Тие што ги носат овие одлуки треба да имаат предвид дека иако маржата се намалува, придонесите остануваат на исто ниво, што значи дека ние и понатаму треба да исплаќаме плати како маржата да не е променета. Дополнителен проблем, што се провлекува со години, се и дивите, подвижни, бензински станици кои што нелегално функционираат на паркинзи и каде што гориво се продава и купува во буриња. Поради сите овие крајно непазарни услови, ние нема да имаме избор и ќе ставиме клуч на нашите бензински станици – вели Гоце Хубрев, претседател на Здружението на брендирани и приватни бензински пумпи, кои што работат во источниот дел на Македонија.

И од една од најголемите компании што се занимава со горива „Макпетрол“ реагираа дека ненадејното намалување на маржите за трговија со горива од 4,5 на три денари, односно за 33 отсто, што историски претставува најниска маржа за трговците, создава непазарни услови кои ќе доведат до криза со снабдувањето со нафта и нафтени деривати.

Имајќи ја предвид нагласено тесната поврзаност на редовната испорака на горивата со нормалното функционирање на општеството, од компанијата – дистрибутер на нафтени деривати денеска во соопштение предупредуваат дека постои сериозен ризик за целосна блокада на економијата, не само на краток, туку и на подолг рок.

Тие поебно реагираат на тоа што ваквите мерки Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на РСМ (РКЕ) и останатите институции ги носат без никаква консултација со трговците.

-Компаниите што снабдуваат нафта и нафтени деривати, стои во соопштението, не можат врз себе да го понесат товарот на вештачко држење на ниска цена на горивата, како социјална категорија. Сепак, станува збор за обврска на државата и на сите мерки што ѝ стојат на располагање, но не на сметка на пазарната логика и приватните компании. Оваа популистичка мерка е неодржлива и може да создаде дополнителна паника меѓу граѓаните, зголемена побарувачка и недостиг на гориво, велат од „Макпетрол“.

Претходна вестКрадец сам се издал – ги продавал украдените предмети на интернет
Следна вестУште една пресуда за Јанакиески – си призна и доби условна за набавката на кинеските автобуси