Порталот uslugi.gov.mk редизајниран и со нови 100 електронски услуги за граѓаните

Министерството за дигитална трансформација денеска го претстави редизајнираниот национален портал uslugi.gov.mk кој на граѓаните им нуди сто нови електронски услуги.

Министерот Стефан Андоновски на презентација ги соопшти најважните нови функционалности на порталот. Рече дека со неговиот тим во изминатите пет месеци интензивно работеле да ги подобрат перформансите на е-порталот и искуството на оние што ги користат е-услугите, да воведат што поголем број и пристап до нив да имаат и лицата со попреченост, водејќи се од принципот – транспарентност, достапност и ефикасност.

Покрај тоа што нуди 100 нови услуги, порталот uslugi.gov.mk во изминатите пет месеци има и нови 30 000 корисници, а освен надградбата на овој систем, се отвораат и центри за услуги за граѓаните низ целата држава.

Како што соопшти Андоновски, по преземањето на ресорот пред пет месеци порталот нудел 125 услуги, а сега има повеќе од 200.

-Целосно ги дигитализиравме 80 услуги директно на порталот, но и поврзавме дел од услугите што се даваат на други портали да бидат достапни и на нашиот портал, изјави Андоновски.

Најкористени електронски услуги досега од граѓаните, рече министерот, биле од Агенцијата за вработување и Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, поврзани со работен стаж и пензионирање, а популарни, рече, биле и дигиталните услуги од Управата за водење матични книги – за добивање извод од родени, како и потврда од казнено-кривична евиденција.

-Од новите услуги, убедливо најпопуларна е услугата од Министерството за внатрешни работи за лиценцата за поседување оружје, затоа што целосно го редимензионира процесот на аплицирање – не ги завршувате сите работи па да чекате согласност со месеци или со години, туку прво аплицирате, добивате позитивно мислење од Министерството, па потоа полагате, земате часови и ја добивате лиценцата. Но, исто така, тука се и годишните конкурси на Министерството за култура, програмата за поддршка на институциите од културата, каде што исто така имаме огромен интерес, рече Андоновски.

Меѓу новите е-услуги што ќе бидат достапни во 2025-та, тој го издвои дигитализираното добивање уверение за државјанство.

-Тоа ќе биде меѓу топ пет услугите што ќе бидат најкористени на порталот. Мислам дека државјанството ќе биде многу рано – очекувам во јануари да биде целосно автоматизиран процесот на издавање државјанства, соопшти Андоновски.

Целта на МДТ е целосна дигитализација на општеството што ќе овозможи полесен пристап за граѓаните до административните услуги, ќе им заштеди време и трошоци.

Како новина Андоновски најави и дека со измени на Законот за електронски услуги, кои се очекуваат во јануари, секој документ што ќе биде изваден од електронскиот портал, со електронски потпис, QR-код и печат, ќе може, со печатење, да се користи исто како и документ што институциите досега го издаваат со нивниот печат.

На презентацијата присуствуваа претставници од министерствата за култура, правда и за внатрешни работи, како и од државни институции (Агенција за храна и ветеринарство, Регулаторна комисија за енергетика и ПИОМ) кои информираа за сегашните и за новите услуги што ќе им ги овозможат онлајн на граѓаните во наредната година.

Претходна вестДеветнаесетгодишник со нож усмрти еден ученик, а повреди уште пет деца и наставничка во училиште во Загреб
Следна вестДве лица пукале кон полицијата во Дебар за да не ги запре