Пред споменикот во кичевското село Цер денеска ќе биде одбележана 118 годишнината од погибијата на Христо-Димитров Узунов, македонски револуционер, учител и војвода. На ова одбележување се очекува да присуствуваат претставници од локалната самоуправа од родниот град Охрид, на охридските и кичевските основни училишта чиј патрон е војводата, претставници од местото на погибијата село Цер и почитувачи на животот и делото на Узунов од Кичево, Битола и други градови од овој дел на земјава.
На 24-ти април 1905 година Христо со својата чета од Крушево заминал за Кичевско, но во кичевското село Цер четата била опколена од многуброен турски аскер со артилерија. Бидејќи немале никаква помош, борците биле принудени или да се предадат или да се самоубијат. За да не им паднат живи в раце на Турците, тој и неговите 13 соборци последните куршуми ги истрелале во себе.
Христо Димитров Узунов или познат како Арсениј, Арсо, Дуле, Маглата, Ристо, Самуил или Дуле Узунов (Охрид, 22 октомври 1878 – Цер, 24 април 1905) — македонски револуционер, учител, војвода и реонски началник на четите на Македонската револуционерна организација во Охридскиот револуционерен округ.
По завршувањето на основното училиште во Охрид учел во Солунската машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“ (1894-1896). Таму бил привлечен кон идеите на Македонската револуционерна организација од страна на Даме Груев. Неговиот брат Ангел во своите „Спомени“ вели: „Христо се вратил од Солун посветен и покрстен од Дамјан Груев. Тој бил примен за член на Внатрешната македонска револуционерна организација, која веќе била создадена неколку години порано. Во едно кратко писменце до нашиот братучед Кирил Прличев, Дамјан Груев го известува дека Христо е веќе „искапен во револуционерниот котел“. По завршувањето на школувањето бил назначен за учител во Охрид.
Христо Узунов или Дуле Узунов, е познат како македонски учител, војвода и реонски началник на четите на Македонската револуционерна организација во Охридскиот револуционерен округ.
Татко му Димитар Узунов бил долгогодишен учител и борец за независна црква, близок роднина на Григор Прличев, а неговата мајка Анастасија Узунова потекнува од стариот струшки просветителски род Чакаров. Узунов, заедно со своите двајца помали браќа Андон и Ангел (исто така дејци на Македонската револуционерна организација), бил воспитуван од мајка си во патриотски дух.
Од 1903 година бил поставен за главен војвода на охридските револуционерни чети. Учествувал на Смилевскиот конгрес. За време на Илинденското востание бил член на Горското началство (Штабот) за Охридскиот револуционерен реон. На Прилепскиот конгрес бил избран за секретар и за окружен ревизор на четите на МРО за Охридско, Струшко и Кичевско.
За големата посветеност на македонското дело на Христо Узунов зборува и неговата средба со селаните од селото Куратица, веднаш по трагичниот крај на Илинденското востание, на која им се обратил со зборовите: „Браќа, сонце сакавме, а ни искра не добивме. Нашата земја се натопи со пепел и крв, и за сѐ, знаете, јас сум виновен. Еве ви се предавам, убијте ме, предајте ме, што сакате правете со мене…“
По трагичниот крај на востанието Христо Узунов останал и продолжил со борбата во Македонија.
На 24 април 1905 година, од Крушево заминал за Кичевско, придружуван од страна на 14 соработници и револуционери, добро вооружени четници и двајца војводи, Ванчо Србаков и Пецето сѐ со цел да го исполнат решението за погубување на петнаесетмината ренегати во една ноќ. Но во кичевското село Цер биле опколени од многуброен турски аскер со артилерија. Тие не примиле никаква помош па биле принудени или да се предадат или да се самоубијат. Војводата Ванчо Србаков решил на свој ризик, со фрлање на бомби да се обиде да се пробие низ огнот, во кој сепак не успеал. За да не им паднат на Турците живи во раце, тој и неговите 13 соборци извршиле саможртва Ш16Ќ.
Борбата во село Цер меѓу Узуновата чета и одредите од Крушево и Прибилци започнала утрината на 11/24 април. Четата направила обид да го пробие обрачот, но откако во Битката загинале Ванчо Србакот и Узуновиот четник – Наумче, четата се вратила во куќата на Костадиница Стојанова Паунова, која куќа била солидна и погодна за престојната борба. Борејќи сè до претпоследниот куршум, Христо Узунов со своите другари последните куршуми ги истрелале во себеси, не сакајќи живи да се предадат на османски власти. Сведок на сликата на простреланите четници бил Италијанецот Еторе Лодди кој запишал:
-На другиот ден после бојот ја видов во Цер страшната слика што никогаш нема да ја заборавам. – Труповите на единаесет млади јунаци сите со отворени рани по градите и по челото. Се самоубија, за да не паднат живи во рацете на непријателот. Ми го покажаа војводата. Узунов лежеше прострен на подот со раширени раце, а погледот на неговите мртви и отворени очи гледаше горе, во бескрајот. Од челото уште течеше крв… Ја видов Македонија во тој момент – маченица, велика, непобедива! “, се наведува во записот.