Насоки за стопирање на вработувањата по етнички клуч се додека Уставниот суд не донесе конечна одлука за замрзнатиот „балансер“ денеска доби јавниот сектор од страна на Министерството за јавна администрација.
Во насоката се наведува дека постапката за вработување во институциите од јавниот сектор може да продолжи ако во јавниот оглас не е наведена припадност на заедницата на кандидатот и кандидатот не се обврзува да посочи припадност на заедница.
-Веќе започнатата постапка за вработување во институциите од јавниот сектор се прекинува ако јавниот оглас е изготвен согласно актите, односно одредбите опфатени во точка 1 од Решението на Уставниот суд, односно ако во јавниот оглас се наведува припадност на заедницата, а пак, кандидатот се обврзува во пријавата да посочи припадност на заедница, се вели во соопштението од министерството.
Според ресорното министерство, во Регистарот на вработени во јавниот сектор не се евидентираат податоците за вработените во институциите.
Уставниот суд на 18 септември на седница расправаше дали со наведувањето на припадноста на заедницата, што е потребно за пополнување на секое работно место, на кандидатите за административни службеници им се ограничува достапноста на секое работно место, односно дали со „обврска на кандидатите за административни службеници во пријавата за вработување меѓу другите лични податоци да наведат и припадност на заедница“ се нарушува начелото на стручност и компетентност и се повредува и уставно загарантираното право на работа и слободен избор на вработување.
Со тоа, уставните судии одлучија да отворат предмет за употребата на „балансерот“ при вработувањата во администрацијата. Додека не одлучат дали „балансерот“ е уставен или не, тој ќе остане замрзнат.