Потрага по гостиварецот кој ја убил сопругата со секира

Полицијата е во потрага по гостиварец кој е осомничен дека со секира ја убил сопругата. Нејзиното тело било пронајдено утринава од страна на синот кој случајот го пријавил на полицијата. Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гостивар, во координација со екипа на крим техника од Министерството за внатрешни работи, изврши увид на местото на настанот, соопшти Обвинителството.

– Настанот бил пријавен утринава околу 7 часот од син на жртвата, гостиварка на возраст од 60 години. Осомничен за стореното кривично дело е нејзиниот сопруг, 67-годишен жител на Гостивар, со кого жртвата подолго време имала нарушени односи. Според првичните сознанија на обвинителството, осомничениот ја нападнал оштетената, па со употреба на секира и нож ѝ нанел повеќе убодни рани по телото – изјавија од Обвинителството.

Јавниот обвинител издаде наредби за обезбедување и прибирање на траги од лице место, кои ќе бидат предмет на натамошно вештачење. Издадена е наредба за обдукција на телото на починатата.

Претходна вестОтворете „четири“ очи на пешачките премини кај „Рамстор“
Следна вестНикола Груевски: Никогаш не сум добил било што од Силјан Мицевски