Повеќе од 1.500 ученици денеска не се појавија на настава во ООУ „Лазо Ангеловски“ во Ново Лисиче, по одлуката на Советот на родители за бојкот додека не се реши проблемот со насилниот третоодделенец.
-Одлуката за бојкот е последниот обид да дојдеме до взаемно прифатливо решение за нормално продолжување на воспитно образовниот процес на сите деца. Да не заборавиме дека со овој проблем училиштето се соочува веќе три години и сите механизми на локалните служби, вклучувајќи ги службите на училиштето и општината се веќе одамна исцрпени и затоа се обративме до инспекторатот кој по извршените надзори донесе одлука за промена на средината на детето, таа одлука сеуште не е имплементирана.
Уште еден доказ дека пристапот кон проблемот од страна на родителите на детето, кои не соработуваат со службите за взаемно решение, е денешниот инцидент со поставување на пароли на училиштето за поддршка на детето.
Ние како совет, заедно со службите на училиштето и сите чинители на образовниот процес, вклучувајќи ги и родителите на сите 1474 деца цел овој период се обидувавме да најдеме начин да го задржиме ученикот меѓутоа, одделението кое броеше 30ина деца, сега е со 13 ученици. Зарем тоа не доволен показател дека на проблемот треба да му се пристапи на друг начин?, вели претставник на Советот на родители.
Сите основни училишта во Аеродром одбија да го примат проблематичниот ученик. Потоа, по барање на родителите ученикот да биде испишан од „Лазо Ангеловски“, се бараше примање на тој ученик во ООУ „11 Октомври“ во Општина Центар, за што првично беше потпишана согласност од директорката, за подоцна самата да ја поништи согласноста, откако родителите на неформален начин стигнале до досието на ученикот и сфатиле дека се работи за ученик со проблеми во однесувањето.
Денеска во 11 часот закажана е средба во МОН со претставници од Општина Аеродром, на која треба да се најде решение.