Повеќе од 12 часа делови од Скопје, особено делови од Ново Лисиче се без струја по вчерашното невреме проследено со дожд, силен ветер и град. Засега нема официјална информација кога домаќинствата ќе добијат струја.
Според информациите објавени синоќа причина за прекинот во снабдувањето со електрична енергија се два 110-киловолтни далекуводи кои ги снабдуваат трафостаниците „Аеродром“ и „Исток“.
Екипи на Општина Аеродром вчеравечер работеа на остранување на паднатите дрвја и другите штети што попладнето ги нанесе големото невреме, проследено со обилен дожд, град и силен ветер.
Претходно, Електродистрибуција соопшти дека екипите се излезени на терен и работат на решавање на проблемот. По оваа реакција на екипите, делови од Аеродром добија електрична енергија, но не и Ново Лисиче.
До Центарот за управување со кризи биле пристигнати пријави за 35 паднати дрвја, 15 бандери, 21 оштетен кров, 10 поплавени домови и две оштетени возила. Повеќе информации од ЦУК најавуваат во текот на денешниот ден.