Гласањето во првиот изборен круг на локалните избори 2021 на избирачкото место 0543 во Дебар, за избор на членови на Советот на општината и за избор на градоначалник на Дебар и на избирачкото место 2957/1 во Шуто Оризари, за членови на Совет на општината Шуто Оризари и за Совет на Град Скопје, ќе се повтори.
Управниот суд усвои две тужби, за изборното место 0543 во Општина Дебар и во изборното место 2957/1 во Шуто Оризари. ДИК врз основа на овие тужби донесе две решенија за повторување на гласањето, со оглед дека вкупниот број на запишани избирачи на ова избирачко место влијае врз вкупните резултати во овие општини.
Повтореното гласање ќе се одржи на 31 октомври 2021 година.
По поднесените приговори на постапката за гласање, избрани се градоначалници во Кисела Вода – Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“ и во Пласница – Алија Јаоски од ДУИ. За гласањето за кандидати за членови на Совет, по поднесени приговорите на постапката за гласање, сумирање и утврдување на резултатите се утврдува конечност на резултатите од гласањето во општините Лозово, Тетово, Штип, Кисела Вода и Пласница.
Во првиот круг градоначалници се избраа во 30-тина општини, а во останатите, како и во градот Скопје ќе се гласа во втор круг во недела на 31 октомври. Во две општини (Маврово-Ростуше и Центар Жупа) ќе има нови избори бидејќи не е исполнет законскиот цензус – на гласање да излезат најмалку една третина од запишаните гласачи во Избирачкиот список.