Повторно протест против поскапата струја, на улица излегуваат и синдикати и ВМРО-ДПМНЕ

Повторно, денеска, ќе има протести против покачувањето на цената на струјата. Овој пат освен опозициската ВМРО-ДПМНЕ протести најавуваат и од Конфедерацијата на синдикални организации (КСОМ).

Синдикалците од 18 часот најавија протестен мото-синдикален граѓански марш. Протестот ќе тргне од „Чаирчанка“ и ќе заврши пред Регулаторната комисија за енергетика и Собранието.

Протестите на ВМРО-ДПМНЕ ќе се одржат денеска пред Регулаторната комисија со почеток во 14 часот. Како што најави генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, еден час со автомобили ќе ги блокираат раскрсницата и пристапните улици пред Регулаторната комисија.

„Протестот ќе почне пред ‘Палома бјанка’. Овој протест е насочен кон Владата и мафијата. Поскапата струја значи посиромашен народ“, изјави Јанушев.

ВМРО-ДПМНЕ ги почна протестите во средата. Партискиот лидер Христијан Мицкоски од протестот упати три барања до Владата, на кои рече дека треба да одговорат во наредните денови: враќање на старата цена на струјата преку намалување на тарифата на универзалниот снабдувач; викенд без ДДВ во септември, како што било ветено пред изборите; професионализација на Регулаторната комисија за енергетика со натпартиски кадри.

Претходна вестГрад Скопје: Наместо булевар „Александар Македонски“ да се користат алтернативни рути
Следна вест52.543 лица досега казнети за неносење маски, ќе платат до милион евра