Пожарот во Беровско и понатаму се гасне, а пожарникарите и луѓето од Берово кои учествуваат во неговото гаснење ќе останат на терен се до негово целосно локализирање.
Сашко Руменовски, командир на Територијалната противпожарна единица од Берово информираше дека покрај гаснењето од земја од утрово повторно имаат и воздушна поддршка.
-Со цел скратување на времето за полнење вода од Беровско Езеро во село Будинарци поставен е импровизиран базен, од каде хеликоптерот ќе полни вода заради побрза интервенција, вели Руменовски.
Додава дека од утрово контролата за справувањето со огнената стихија ја презел Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за кризи.
Според проценките на ТППЕ Берово, досега од пожарот е зафатена високостеблеста дабова и букова шума со површина од 50 хектари.
Инаку, вчера попладне Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи соопшти дека неколкуте пожари кои избувнаа во земјава се ставени под контрола.
-Пожарите што беа активни во Општина Берово, како и другите пожари низ државата се ставени под контрола. МВР, заедно со ЦУК, АРМ, ДЗС се во постојано 24-часовно дежурство и надгледување на пожарите, напиша министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на својот профил на Фејсбук.
Владо Клинчарски од ЈП „Македонски шуми – Малешево“ – Берово за МИА изјави дека на штотуку завршената координација на институциите вклучени во справувањето со пожарите во Беровско било најавено дека повторно ќе имаат поддршка од воздух, оти полицискиот хекикоптер почнува рано со гаснењето на пожарот, а дека Ер тракторот се вклучува по потреба.
Тој нагласи дека останува уште еден дел зафатен со пожарот да се исконтролира, поради проблеми со посилен ветер и високите температури.
Во гаснењето на пожарот, кој зафати околу 50 хектари високо стеблеста букова и дабова шума, учествуваа околу 100 пожарникари од Берово, но и од Виница, Кочани, Радовиш, Струмица и од други градови, како и специјални тимови на Дирекцијата за заштита и спасување, на Центарот за управување со кризи, полиција, гранична полиција и вработени во „Македонски шуми“.
Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов информира дека поголем дел од високите дрвја од буковите и дабовите дрва преживуваат и не се оштетени. Според него, најголем проблемот е тоа што на некои места огнот се распалува и потоа повторно доаѓа до негово ширење, а високите температури прават дополнителни проблеми.
По појавата на пожар на овој предел, Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) го активира авионот ЕР ТРАКТОР за гасење на шумски пожар, но тој беше повлечен по 12 часот кога поради драстичното покачување на температурите.
Претходно, вчера рано утрината, со дејство започна и еден полициски хеликоптер, при што се успеало во раните утрински часови да се совлада првиот огнен удар и да се воспостави делумна контрола.