Вкупно 2.145 повици се регистрирани на единствениот број за итни случаи 112 во последното деноноќие, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК). Од нив „реални“ биле 42,33 отсто, а 57,67 проценти биле за други потреби на граѓаните што не биле итни.
Повиците упатени кон полицијата биле 56 проценти, итна медицинска помош барале 38 проценти од граѓаните што се јавиле на 112, а кон пожарникарите биле насочени 3.5 проценти од повиците.
Во изминато новогодишно деноноќие имало пет пожари на отворено. Во урбаните средини пожари на објекти имало најмногу во Скопско, а во гевгелиското село Миравци имало и спасувачка акција за извлекување неподвижно лице при пожар на куќа.
– Во Скопје едно возило и тројца пожарникари интервенирале на запалена депонија на површина од 600 квадратни метри на стариот пат кон Арачиново. Две возила и пет пожарникари интервенирале на запалена напуштена куќа во Центар. Потоа се гаснела запалена електрична инсталација во куќа во селото Глумово. Се гаснеле и запалени гранки во нива во селото Бардовци во Карпош. Во текот на денот, пожарникарите гаснеле запалени кабли на бандера во селото Грчец, се гаснела запалена настрешница на Плоштад „Македонија“ во Општина Центар.
Во Прилеп се интервенирало на запалена ниска вегетација, во селото Мажучиште како и на запалена нискостеблеста вегетација во селото Забрчани во општина Долнени.
Во близина на црквата во село Ораовица радовишко, се гаснел пожар кој опфатил површина од 1 декар.
Пожарникараите од ТППЕ Гевгелија во првите петнаесетина минути од привиот ден на Новата година, од 00:14 до 02:10 часот, со две противпожарни возила и седум пожарникари, имале интервенција за гаснење пожар со спасување неподвижно лице.
Конкретно, интервенирале за гаснење пожар на запалена стара куќа на два ката на ул.„Маршал Тито“ во с.Миравци. Првиот кат од куќа бил напуштен, а во вториот кат живеела неподвижна стара жена, која била повредена, а по спасителното извлекување е преземена од Итна медицинска помош за понатаможно медицинско згрижување, информираат од ЦУК.