Пожарот кој веќе десетина дена гори на сртот на планината Галичица ќе се пречека кај Љубаништа а дотогаш да не се крева паника. Ваква порака и апел денеска испратија надлежните органи кои се справувата со пожарот откако во јавноста се појавија вести за загрижувачки димензии на огнот.
-Ќе има поддршка и од воздухоплови. Планирано е над шумскиот пат над Љубаништа да се прави пречекување на оган за да не слегува надолу. Пожарот беше активен далеку од кампот Љубаништа, а дека на цела Галичица имаше сериозни површини и линии зафатено тоа е точно. Но, најмногу според некоја стратегија се штитат објекти, имот на граѓани, па потоа се останато. Во оваа смисла ЦУК постапува и овде и во цела Македонија. Во Југозападна Македонија во моментов имаме девет активни пожари, од кои во охридската зона е само на Галичица, изјави раководителот на ЦУК Охрид, Митко Темелковски.
Во поглед на повиците за вклучување на доброволци тој вели дека тоа треба да се одвива преку ТППЕ Охрид и Штабот за заштита и спасување, да се види какви се можностите за вклучување на доброволците.
Претседателот на Црвен крст Охрд, Сашо Точков апелира волонтерите да не одат самоиницијативно и да не се крева паника.
-Има доста вклучени волонтери. Да не се создава паника кај населението. Доброволците кои сакаат да се вклучат да се координираат со лицата од НП Галичица, не да одат самоиницијативно. Ако има дополнитлна потреба службите ќе повикаат доброволци. Од наша страна дистрибуирана е храна, вода и апел до сите кои можат да се вклучат за поддршка. Сложена е ситуацијата поради експлозивни средства, додава Точков.