Во пожарот на планината Галичица, која гори изминативе десетина дена, изгоре површина од 6.500 хектари. Најкритично е на преспанската страна од планината каде што гори во правец на селата Лескоец и Стење и на охридска територија кај месноста Војтино.
Заменик-директорот на „Национални шуми“, Кире Михаилов изјави дека околу 60 отсто од изгорената површина се тревни површини, а околу 40 отсто шума со најразлични дрвни видови.
-Во текот на првите денови откако овој пожар се појави, гореа површини кои беа највисоко и пред сè површини на кои имаше трева, жбунови и останати нискостеблени растенија кои виреат на повисоките места и врвовите на планината Галичица. Со излегувањето од контрола и неконтролираното ширење на овој пожар, огнените јазици зафатија и површини на кои има шума. Во моментов, околу 60 отсто од површината зафатена од огнените јазици се тревни површини, а околу 40 отсто се површини со шума со најразлични дрвни видови, информира заменик-директорот на ЈП „Национални шуми“, Кире Михаилов.
Од друга страна, раководителот на противпожарна заштита во НП „Галичица“, Ѓуро Јовчески денеска информира дека источниот фронт од пожарот на Галичица е ставен под контрола, а на западниот се можни жаришта.
-Источниот фронт, пожарот е ставен под контрола на двете критични точки. Западниот фронт кој беше најкритичен е ставен под контрола, но со покачување на температурата во текот на денот постојат индиции да се појават жаришта, додава Јовчески.