Загрижувачки размери почна да добива пожарот на планината Галичица кај Охрид кој гори веќе десетина дена. Пожарот почна да се шири и кон Охрид, а камперите од Љубаништа сведочат дека во текот на денот во Охридското Езеро имало саѓи и пепел.
Во гаснењето на огнот веќше се ангажирани пожарникари, припадници на планинската спасителна група, ренџери од НП Галичица, членови на алпинистичкиот клуб „Патагонија“ од Охрид, хеликоптери и ер трактори… Од синоќа по социјалните мрежи се споделува апел до сите граѓани да помогнат во гаснењето на пожарот на Галичица. Во апелот е наведено дека доброволците треба утрово да дојдат до планинарската куќа Спиридон.
-По консултација со планинската спасителна служба, сите физички спремни доброволци утре (денес) во 07:00 часот да се пријават кај планинарската куќа Спиридон (по Црквичето Св. Ѓорѓија на Галичица кон Ресен, од десна страна) со свој алат – мотика или гребло! Најважно е да бидете физички спремни со основна планинарска опрема, вклучувајќи чевли и друго. Досега само по 3-4 доброволци на ден се пријавувале, затоа да се собереме во поголем број за да ја спасиме Галичица. За жал, моментално нема друга (поголема) организација за спас на националниот парк!“, стои во апелот објавена на Фејсбук – страницата на групата „Охриѓани“.
Од Центарот за управување со кризи информирата дека пожарот го зафатил планинскиот предел од 2.000 метри надморска височина каде пристапот е возможен само со пешачење од најмалку 2 часа.
-Големината на огнениот фронт, тешко пристапниот терен, неповолните временски услови како и големиот број на детонации од неексплодирани гранати, не дозволија локализација на пожарот во високата зона и полека истиот навлезе во буковите шуми на исток, запад и север. Последните три дена, волонтерите сместени во планинската куќа Спиридон, постојано се на терен и 24 часа го контролираат развојот на пожарот со цел подготвување на подобар план за делување следниот ден, велат од ЦУК.