Пратеничка снимена додека крадела облека, поднесе оставка

Пратеничка од Нов Зеланд поднесе оставка по повеќе обвинувања за кражба во продавница. Голриз Гахраман од Партијата на зелените, наводно три пати крадела од две продавници за облека. Поранешната адвокатка на ОН за човекови права влезе во историјата во 2017 година како прв бегалец во владата на Нов Зеланд.

42-годишната пратеничка, која не е обвинета за никакво кривично дело, во изјавата рече дека нејзините постапки не биле во согласност со високите стандарди на однесување што јавноста ги очекува од избраните претставници.

Рекла дека поради стрес почнала да се однесува „чудно“.

-Не можам да го објаснам моето однесување бидејќи тоа не беше рационално на никаков начин. По лекарската евалуација сфатив дека не ми е добро. Изневерив многу луѓе и многу ми е жал, вели таа и додаде дека не сака да се оправдува.

Гахраман побегнала од Иран со своето семејство како дете и добила политички азил во Нов Зеланд.

Таа денеска поднесе оставка откако на социјалните мрежи се појавија снимки од надзорните камери на кои се гледа како зема дизајнерска чанта од бутик во Окленд, јавува Би-Би-Си.

 

Претходна вестСупербогатите ги молат политичарите: Оданочете го нашето богатство!
Следна вестСабит Билали ќе биде прво засилување за Работнички