Пратениците го изгласаа Законот за заемот од 500 милиони евра од Унгарија

Пратениците во македонскиот парламент денеска го прифатија Законот за задолжување од 500 милиони евра кај Унгарската експорт-импорт банка. Поддршка за ова ново задолжување на земјава ја дадоа 65 пратеници, а „против“ беа 15.

На гласањето му претходеше едночасовна дискусија, во која главни актери беа пратеници на опозицискиот СДСМ, кои веќе се изјаснија дека ќе гласаат против Законот и од ВМРО-ДПМНЕ кои го бранеа заемот, кој како што рекоа ќе внесе свежи пари во македонската економија и ќе помогне во развојот на општините преку поддршка на проекти.

Според Законот заемот од Унгарската експорт-ипорт банка ќе се повлече во една транша, а рокот за негова отплата е 15 години, со вклучен грејс период од три години. Каматната стапка е фиксна и изнесува 3,25 проценти. Во него се предвидува Северна Македонија да ѝ плаќа на Унгарската експорт – импорт банка приватно друштво со ограничена одговорност провизија за неповлечени средства во висина од 0,5 проценти од заемот на годишно ниво. Провизијата за неповлечени средства ќе се пресметува на дневна основа на неповлечениот дел од заемот, пресметано од датумот на достапност на средствата и ќе се плати првиот работен ден по завршување на периодот на достапност. Заемот ќе се отплаќа на 24 полугодишни рати, на 15 февруари и 15 август секоја година.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски денеска на седницата рече дека заемот  ќе биде искористен за инфраструктурни.

-Овој заем доминантно ќе биде искористен за две цели. Прво за финансирање на инфраструктурни проекти во општините во износ од 250 милиони евра а второ за финансирање на кредити на евтини кредити кон стопанството од 250 милиони евра. За финансирање на инфраструктурни проекти по она што го соопшти министерот за Локална самоуправа, 80 општини за 357 апликативни формулари имаат поднесено за финансирање на проекти. Тоа значи дека за 6 дена ќе заврши процесот на евалуација на тие проекти и тие проекти кои што ќе бидат избрани со ресорните министерства во договор со општините таквите средства веднаш ќе бидат префрлени на наменски сметки во општините, рече Стојаноски

Опозицискиот СДСМ, чија пратеничка група во четвртокот преку прес-конференција на која говореше партискиот лидер Венко Филипче ја повика власта да го повлече предлог-законот и да го поднесе во редовна постапка. СДСМ бара предлог-законот за задолжувањето кај Унгарија да се поднесе во редовна постапка.

-Државата се доведува во ситуација со пари на граѓаните евентуално да финансираат странски фирми, наместо домашните. Овој заем е удар за домашните компании, нивно исфрлање од економската орбита на оваа Влада. Ова е удар врз трудот на македонските бизниси, економско предавство на татковината, рече пратеникот од СДСМ, Фатмир Битиќи на денешната седница.

Битиќи во своето обраќање појасни дека заемите, како овој, кои доаѓаат од ЕКСИМ банки, независно дали тоа е од Унгарија или од друга земја, наметнуваат и услов, парите да се користат за фирми кои доаѓаат од матичната земја.

-Но, каде е овој услов во образложението, во предлог законот за задолжувањето или во самиот договор? Зошто никој јасно не кажува дека средствата можеби ќе одат директно за одредени унгарски компании, а не за поддршка на македонскиот бизнис!? Зошто македонските компании не се споменуваат? , праша Битиќи во своето обраќање.

Давајќи осврт на образложението на предлог-законот за задолжување Битиќи посочи дека во него како примарна цел се наведува е унапредување на постојаната и воспоставување на посебна економска врска со Унгарија, а никаде не се споменува најавуваната директна поддршка за македонската економија.

Претходна вестМЗ: Винора ДООЕЛ од Скопје ќе ја мести компресорската станица во Клиничкиот центар
Следна вестМуртезани назначен за главен преговарач со Европската Унија