Пратениците го изгласаа пакетoт на антикризни мерки, двајца пратеници гласаа во скафандери

По многу натегања и обвинувања дека се нарушуваат здравствените прописи пратениците во македонскиот парламент денеска го изгласаа петиот пакет на антикризни мерки кој долго чекаше поради собраниски блокади. Трите закони за помош на граѓаните и фирмите погодени од пандемијата на ковид-19, како точки од 36-та седница, се изгласаа со гласови на 113 пратеници, вклучувајќи ја и опозицијата. Со овој пакет на економски мерки ќе се обезбеди финансиска поддршка за лица кои вршат самостојна дејност за месеците февруари и март.

Тензиите ги крена одржувањето на претходно закажаната 32 седница на чие одржување инсистираше владеачкото мнозинство и собранискиот спикер Талат Џафери, а се спротивставуваше опозициската ВМРО-ДПМНЕ. За да се обезбеди потребниот кворум во парламентот пристигнаа и двајца пратеници кои се болни од корона вирусот, заштитени со скафандери. Тие учествуваа во седницата од кабината во горниот дел од салата. Откако беше обезбеден кворум пратениците на мнозинството ги изгласаа сите точки на 32-та седница едногласно со 62 гласа „за“ по што можеше да започне 36-тата седница со учество и на опозицијата.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митревски рече дека заразените пратеници дошле во Собрание со целосно испочитуван протокол на Комисијата за заразни болести, со дозволи и контрола од инфектолози.

-Не е ова ништо што е на штета на другите пратеници, не е прв пат, тоа се случи и кога гласавме нова влада, кога пратеникот Зибери беше суспектен на корона, рече Митревски.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски излезе на говорница со две заштитни маски, бидејќи имало заразени лица и обвини дека власта направила кривично дело со присуството на заразените пратеници.

-Деловникот, правилникот на Собранието или друг документ не може да биде над Уставот и законите и вие со непознавање на правото правите кривично дело. Кривично дело прави и полицијата која дозволи влез на позитивни на ковид-19 пратеници. Еве јас сум со две маски на лицето зашто тука во парланентот се шетаат болни пратеници, морам да мислам и на моето семејство. Праќате порака до граѓаните дека смее да се крши Уставот и законот. Имавте доволно пратеници за кворум, не требаше да повикувате да присуствуваат и болни пратеници, му рече Мицевски на спикерот Џафери заради присутвото на двајца пратеници позитивни на ковид-19.

Лидерот на Левица Димират Апасиев, пак, рече дека се прави кривично дело.

-Досега правевте театар, а сега правите кривично дело. Со доаѓањето на заразените пратеници се крши деловникот на Собранието и се врши кривично дело. Овие двајца заразени пратеници, кои дошле во Собрание по налог на премиерот, Зоран Заев, први ќе одат во затвор за загрозување на здравјето на луѓето. Вие претседателе со ова го доведовте во опасност цело Собрание да оди во карантин, потенцира Апасиев.

Џафери му одговори дека со одделни интервенции во деловникот овозможено е под посебни околности да биде обезбедено нивно присуство и дека не се крши никаков закон.

Претходна вестГрад Скопје: ВМРО-ДПМНЕ фабрикува непостоечки афери
Следна вест24 починати и 364 нови случаи на корона вирус во земјава