Во тензична атмосфера поминува и денешната собраниската расправа околу предлогот судијката Добрила Кацарска да биде избрана за уставна судијка. Како и вчера, опозициските пратеници на ВМРО-ДПМНЕ истакнуваа трансперенти во салата и на говорницата на кои пишуваше дека „Кацарска извршител на мафијата“, „Стоп за трас-трас уставен судија“ и со свиркање искажуваа свое несогласување со предлогот кој дојде од Судскиот совет.
Опозициските пратеници потенцираа дека Кацарска местото го добива како награда за послушноста кон власта за многу судски пресуди, меѓу другите, и за оние кога се менуваше Уставот за промена на уставното име на Македонија.
Пратеникот од Левица Димитар Апасиев, истакна дека во моментов во земјава има најслаб персонален состав на Уставниот суд од како постои уставното судство.
–Наместо кредибилитет на уставните судии гледаме ликови кои гледаат да и угодат на власта, а не личности кои имаат сила и знаење да и се спротивстават. Таа е единствен судија осуден од Уставниот суд каде што ја бираме за уставен судија и наместо да биде разрешена за тоа, таа е номинирана за оваа функција. Симптоматично е за овој кандидат што „таа треба кривично да биде гонета по падот на овој хибриден режим затоа што шуруваше со власта и ги штимаше нарачаните пресуди и решенија за притвор при промена на уставното име на државата, рече Апасиев.
Недавањето образложение за предлогот Кацарска да биде уставен судија според пратеничката Гордана Силјановска Давкова, е навреда за Собранието.
–Моделот по кој се бираат судиите мора да се менува и тоа да се прави преку интервјуирање и присуство на стручни лица, а не со дигање рака во Собранието, рече таа.
На ова пратеничката Снежана Калевска–Ванчевска од СДСМ рече дека пратениците со вакви паушални квалификации и обвинувања фрлаат дамка на целиот судски совет и на целиот правосуден систем.
– Сега говорите тука дека не била стручна кандидатката да ја обавува функцијата уставен судија. Со ова се сомневате во стручноста и квалитетите на луѓето кои седат во Судскиот совет, чиј предлог е Кацарска, чии членови да не заборавиме две третини ги избираат самите судии на непосредни избори. Со ова фрлате темна дамка на целиот правосуден систем и на сите судии во оваа наша држава, истакна Ванчевска.