ВМРО-ДПМНЕ остави 1.071 каранфил пред Владата во знак на почит за починатите од коронавирус

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ остави 1.071 каранфил на улицата пред Владата во знак на почит за починатите од коронавирус.

„Денес оставивме 1.071 каранфил во знак на почит кон 1.071 починат од корона, кои не се само бројка, туку луѓе, човечки судбини, кои одат на нечистата совест на Зоран Заев и на најнеспобниот министер за здравство, Венко Филипче. Бараме оставка од Венко Филипче веднаш и сега“, изјави Марија Андоновска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Според неа, Зоран Заев и Венко Филипче се главните виновници за полните болници и тие претставуваат закана за здравјето на граѓаните.

„Системот е гнил. За тестирање се чека и по неколку дена, а исто толку и за добивање резултати. Додека пациентот да добие дијагноза, тој веќе е во напредна фаза на болеста, а неговото здравје е сериозно загрозено.
Овие 1.071 починат се и поради пренатрупаното здравство и немањето место во болниците. Филипче имаше цело лето да ги опреми овие капацитети и да ги оспособи за да може денеска да бидат сместени луѓето, да не шетаат од болница во болница или да бидат оставани дома“, рече Андоновска.

Таа рече дека ова е најголемата трагедија што ѝ се случува на Македонија по Втората светска војна.

„Македонија немала толкав број починати од ниту една болест, од ниту каков било друг единечен фактор од Втората светска војна сè до денес“, рече Андоновска.

Претходна вестЖител на Гази Баба дома чувал нелегален пиштол со отстранет сериски број
Следна вестВелешанец осомничен за обид за убиство на својата сопруга