Транспаренти на кои што беше напишано „Кацарска значи неправда“, „Кацарска извршител на мафијата“, „Стоп за трас-трас уставен судија“ и со употреба на свирчиња… пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ се спротивставуваа на изборот на Добрила Кацарска за уставен судија. На почетокот на денешната собраниска расправа опозициските пратеници парадираа низ собраниската сала за да покажат дека Кацарска е не заслужува да биде избрана за уставен судија. Таа, инаку, е предложена од страна на Судскиот совет.
Претходно, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски побара пауза за да опозицијата да ја разгледа подобро биографијата на кандидатката за уставна судијка.
–Очекував барем малку доблест од Судскиот совет и од владејачкото мнозинство. Да слушнеме зошто Добрила Кацарска е предложена за уставен судија. Ова што денеска го промовирате е лоша пракса, зашто бирањето уставен судија не е бирање судија во втора лига фудбал, рече Мицевски.
Пратениците во своите дискусии ја критикуваа Кацарска, како блиска до СДСМ и како пример за пристрасност, необјективност и селективност на судската власт во земјава. Ја означија и како одговорна за затворската казна на ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, која, како што беше речено, била несоодветно третирана додека беше бремена…
– Опозицијата реагира на ова кадрово именување заради тоа што со нејзиниот лик и дело апсолутно ќе се исполитизира работата на Уставниот Суд. Кацарска претставува една спрега која што служи само за казнување на политички неподобните, спрега која што идеше СЈО те тужи а Кацарска те суди. Таа ќе биде запаметена во македонскиот правосуден систем со низа прекршувања на судските пракси, како и за инструмент на кршење на отпор и закани кон неистомисленици, изјави пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ.
Дафина Стојановска, пак, рече дека „По овој пример можеме да очекуваме Заев да ја именува Лидија Димова за министер за финансии, Катица Јанева за министерка за правда, а Боки 13 за директор за Фондот на иновации“.
На тоа реплицираше Снежана Калевска Ванчева од СДСМ.
-Зборувавте се, но не и за она што значи вистинска независност на судството. Очигледно не можете да оттгрнете од политичката пресметка со претседателот на Владата, Зоран Заев. Со кое право вие зборувате за независност на судството, а го кршите амандманот 29 од Уставот на кој се повикувате. Прочитајте што пишува: Судскиот совет предлага двајца судии на Уставнот суд од редот на судиите и единствено тој може да ги предложи, потенцира Калевска – Ванчева.