Пред 120 години Мисирков со делото „За македонцките работи“ силно го издигна македонството, во Софија книгата ја палеа

„Македонците, како посебен словенски народ, што низ вековите ја делел судбината заедно со соседните словенски и несловенски народи, си имаат сопствена национална историја и култура…“. Вака, пред полни 120 години, во своето епохално дело „За македонцките работи“ пишуваше големиот Крсте Петков Мисирков. Култното дело, по кое сега се препознава македонскиот народ, е, бездруго, и најголем дострел на Мисирков кој целиот свој живот го посвети на македонскиот јазик и неговиот правопис. Тој беше и борец и за низа други витални прашања врзани за македонската борба за слобода и непречен развој. Капиталното дело беше објавено на 25 декември 1903 година во Софија, Бугарија.

Книгата ги претставува погледите на еден од најголемите македонисти и национални дејци кон македонското прашање, националната свест и пред сè на потребата од завршување на националната афирмација и ослободување на Македонците како посебен народ. Дадено е особено значење на улогата за кодифицирање на литературен македонски јазик.

Во книгата се обработува основање на стандарден македонски јазик, правопис и азбука во контекст на изнесениот политиколошки поглед на тогашната актуелна политичка состојба во Македонија по Илиденското востание. Се даваат научно-теоретски погледи за самобитноста и посебноста на македонскиот народ со историски пристап кон настанокот на другите европски и словенски народи, со единствена замисла и цел за национална афирмација на македонскиот народ во современа модерна европска нација со своја слободна, целовита и независна држава Македонија.

Да, сето тоа се пишувало и обемно образложувало пред цели 120 години!

Делото на Мисирков истовремено ја разоткрива асимилаторската политика на соседните земји насочена против македонскиот народ и против македонскиот јазичен, културен и етнички идентитет. Во самата книга, тој 10 години пред Балканските војни и Букурешкиот мировен договор, ја предвидува можноста од поделба на Македонија меѓу балканските држави, предлагајќи обединување на сите македонски народности, како и интелектуални, револуционерни и ослободителни сили и движења во една и заедничка борба за ослободување на Македонија со цел да се оневозможи ваквиот процес.

Истовремено предлага воведување и сеопшто прифаќање на терминот Македонец / Македонци во официјална употреба за националноста на македонското словенско население во вилаетите на Отоманското Царство на подрачјето на Македонија. Согледувајќи ја тогашната политичка состојба во Македонија по Илинденското востание, Крсте Мисирков во книгата се осврнува и на предложените Мирцштешки реформи како поволна политичка одлука за Македонија и Македонците и истовремено смета дека поради опасноста од поделба на Македонија заради вмешаноста на соседните балкански држави и нивните пропаганди, подобра е соработка и спроведување на реформи во рамките на Отоманското Царство со што ќе се зачува целовитоста на Македонија, а ќе се намалат страдањата и убиствата над македонскиот народ, отколку да се спроведува револуционерна борба поттикната и под знаме на еден дел од населението и општеството.

Во оваа книга тој го прогласува централното македонско наречје за литературен македонски јазик и ја определува својата национална програма, во која главно место има прашањето за македонскиот литературен јазик. Со оваа книга, тој теориски ги изложи погледите за оформување на македонскиот литературен јазик. Неговиот јазик, всушност, е нормиран јазик и претставува солидна основа за дефинитивното нормирање и кодифицирање на македонскиот јазик. Последната статија во оваа книга носи наслов „Неколку зборои за македонцкиот литературен јазик“ и претставува прв научно аргументиран, теориски солидно поставен и практично разработен проект за кодификација на македонскиот јазик.

Мисирков се определува за брзо решавање на македонското јазично прашање и ги оформува своите ставови за македонскиот литературен јазик, главно, во три точки:

-За основа на литературниот јазик ги зема централните говори (на линијата Велес — Прилеп — Битола — Охрид), бидејќи тие се еднакво оддалечени од соседните литературни словенски јазици (бугарски и српски)

-Го поставува правописот врз фонетска основа, со мали отстапки на етимологијата

-Во лексиката предлага да се вклучуваат елементи од сите македонски говори.

Во македонската кирилица тој воведува неколку нови графеми: и, к‘, г‘, н‘, л‘, со кои таа се разликува од другите кирилски писма. Тоа бил модерен пристап од кој денес се произлезени буквите Ѓ и Ќ. Исто така, во согласност со фонетскиот правопис настојува на бележење на едначењето по звучност. Практично, дадени се научно-теориски погледи на кои подоцна Блаже Конески ќе го продолжи делото до конечна кодификација на јазикот.

Инаку, познато е, Крсте Петков Мисирков е роден на 18-ти ноември во 1874 година во Постол, Егејска Македонија, а животниот пат го носел во многу земји. Низ текот на годините тој станал собирач и проучувач на македонското народно творештво, историчар, славист, основоположник и активен учесник во македонски научно-литературни и национално-политички друштва во Србија, Бугарија и Русија.

По Илинденското востани едно време престојува во Русија а потоа се враќа во Софија каде го објавува своето најголемо дело. Но, книгата „За македонцките работи“ брзо му била откупена од тамошните власти и изгорена. Од изданието се зачувале само мал број на примероци. Потоа следеле организирани напади на бугарската пропагандистичка машинерија врз Мисирков…

На 26 јули 1926 година Крсте Петков Мисирков умира во болница во Софија. Немало кој да го пренесе во мртовечницата, а сопругата немала пари за погреб. Свеќите што ги запалила, ѝ ги донеле милосрдни сестри. Болницата понудила да го остават телото за секцирање, но Екатерина и синот Сергеј одбиле. До гробот за сиромашни на софиските гробишта го испратиле само десетина души.

Сепак, сега во Македонија вечно живее неговото големо дело.

Претходна вестШукова: Ниту една општина нема доставено краткорочен акциски план со мерки за намалување на аерозагадувањето
Следна вестМакедонски државјанин во Виена обвинет дека држел девојка како сексуална робинка