Треба да се остварува, а не само да се вети, да се раскопа некоја улица и така да се остави да стои. Треба да се работи постојано, не само кога се избори, смета граѓанката Силвана Арсова
Повеќе илјади гласови на граѓаните е тежината на поразот кој во првиот изборен круг го доживеа актуелниот скопски градоначалник Петре Шилегов од независната противкандидатка Данела Арсовска. Поразот за Шилегов е уште поголем и потежок оти тој беше убеден и ги уверуваше скопјани дека ќе победи веќе во првиот изборен круг.
Сепак жителите на главниот град на Македонија му го испоставија на гласачките места своето незадоволство од неговата четиригодишна работа. Впрочем и пред да се гласа на социјалните мрежи јасно беше видливо дека скопјани се незадоволни од спорото реализирање на многуте ветени проекти од кои некои не ни почнаа да се прават. Тоа го зборуваат и сега по првиот круг на изборите.
-Мене не ми е проблем кој ќе биде на власт. Потребно е да бидат ажурни, да мислат на народот, малку од малку да се поднаправи. Треба да се остварува, а не само да се вети, да се раскопа некоја улица и така да се остави да стои. Треба да се работи постојано, не само кога се изборите, ни вели граѓанката Силвана Арсова.
Токму за многу прекопани улици и застои во сообраќајот во последниве два-три месеци граѓаните го обвинуваа Шилегов дека „предизборно се фатил за работа“. За нив тоа е обид да се недоместат оние работи кои им беа ветени. Граѓаните очекуваа целосна гасификација на градот, а добија исечена шума на Водно и неостварено ветување за пошумување, очекуваа град без смог, а добија само мало подобрување, очекуваа завршени тунел под Кале, завршена Универзална сала, ревитализација на Треска, градско парно, две нови гимназии, пешачка зона Мал Ринг, зелен коридор Серава, уредување на Аквадуктот, Луна парк, спуштена раскрсница кај „Мавровка“, колекторски систем, Централен сервис за комунални проблеми, нов мост во Ѓорче Петров на „Илинденска“, кружен тек во Сарај, овошје во школи… и десетици други големи проекти за градот кои останаа само на хартија, а граѓаните само слушаа дека „ќе биде, ќе биде“…
Наместо тоа, им понуди помали проекти. Дури и тој самиот еднаш изјави дека „не е фараон па да прави капитални проекти“.
-За градоначалникот на Скопје и општо и на сите градоначалници мое мислење е дека ковидот им закочи многу проекти и мислам дека поради тоа многу од нив не успеа да остварат поголем дел од нивните ветувања. Но, изгубија и поради севкупната политичка состојба, смета скопјанецот Љупчо Продановски.
Сега остануива вториот изборен круг. Шилегов пак е оптимист дека ќе победи. Останува да се почека крајот на изборите за да се види колку ваквата негова пресметка е оправдана.
На нови избори со продолжение на старата програма
Причините за поразот на скопскиот градоначалник веројатно треба да се бараат и во фактот што Шилегов на изборите практично настапи со старата изборна програма. Односно, практично со барањето да добие нов мандат за да ги заврши проектите кои се започнати. Па, така, сега на скопјани пак им вети нов забавен парк, завршување на новиот булевар АСНОМ и мостот на Вардар, реконструкција на улицата „Перо Наков“ на булеварот „Киро Глигоров“, на неколку средни училишта, дигитализиран град, паметно осветлување..,, а што се беа ветувања кои скопјани очекуваа веќе да се завршени.
Што требаше да е завршено до сега:
Тунел под Кале
Универзална сала
Ревитализација на Треска
Две нови гимназии
Пешачка зона Мал Ринг
Зелен коридор Серава
Уредување на Аквадуктот
Луна парк…