Предлог законот за реорганизација на органите на државната управа кратко беше повлечен од дневен ред од денешната собраниска седница. Од ВМРО-ДПМНЕ, по објавата во дел од медиумите дека законот е повлечен, ја демантираа веста појаснувајќи дека законот на кусо бил повлечен поради исправка на номотехничка грешка, по што повторно е ставен на дневен ред на собраниската седница.
– Веста објавена на неколку електронски медиуми со наслов: „Мицкоски го повлече законот за реорганизација на Владата“ е неточна и истата во целост ја демантираме. Законот е повлечен за исправање на номотехничка грешка, по корегирање на истата законот беше веднаш поднесен и истиот денес ќе се најде на седница на Собранието, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
На дневниот ред на оваа седница треба да се верификува мандат на пратеници во Собранието и да помине Предлог одлуката за избор на претседатели, заменици на претседателите, членови и нивни заменици на комисиите на Собранието на Република Северна Македонија.
„Левица“ реагираше на прекршување на процедура во однос на Предлог-законот за реорганизација на органите на државната управа.
– Во процедурата се забележува дека претседателот и мандатарот за состав на новата влада кој во ова својство се појавува како предлагач на овие измени, не го испочитуваа Деловникот и спротивно на праксата за добро работење на Собранието синоќа во 23 часот навечер доставија измени во текстот на законот за организација и работа на органите на државната управа, изјави на прес-конференција пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ.
Според него, покрај прекршување на Деловникот ова покажува и несериозност во поглед на ваква обемна материја, но, вели, е во директна корелација со тоа што го изнеле како став кога првично текстот се доставил до пратениците.
– А тоа е дека нашата поддршка за оваа реорганизација ќе се поврзе со тоа дека ние бараме за ВМРО-ДПМНЕ и мнозинството денес да го добие, да ја добие нашата поддршка и нашите шест гласови итно и веднаш да се донесе измени со кои би се вовела една изборна единица, кажа Мециновиќ.
Измените на законот беа поднесени до Собранието завчера. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по поднесувањето на законските измени ги повика сите пратеници да ги поддржат. Со ваквите измени, според Мицкоски, ќе добиеме ефикасност, осовременување на владата и да го подобриме животот на граѓаните.