Предлогот возачките дозволи да важат до 31 декември 2024 година оди по скратена постапка во Собранието

По скратена постапка ќе оди предлогот со кој рокот за важењето на возачките дозволи со старото име на државата да се продолжи до 31 декември 2024 година. Со 88 гласа „за“, ниту еден „против“ и без „воздржани“, пратениците попладнево на итната 144. седница што ја закажа претседателот на законодавниот дом Јован Митрески ја изгласаа потребата од измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата по скратена постапка со кои треба да се пролонгира рокот на важење на возачките дозволи. Предлагачи на измените се координаторите на пратеничките групи и претставници на други партии во Собранието, односно Никола Мицевски (ВМРО-ДПМНЕ), Мартин Коствоски (СДСМ), Вјолца Адеми (ДУИ), Димитар Апасиев (Левица) и Павле Трајанов (Демократски сојуз).

Договорот за донесување на законските измени кои, како што наведе Мицевски образложувајќи го предлогот, е постигнат со консензус меѓу сите пратенички групи, а целта е да се изнајде брзо решение за проблемот со замената на личните документи, конкретно оној со возачките дозволи.

-Во интерес на граѓаните и со цел нивно ослободување од дополнителен притисок и хаос што се создаде овој период преку меѓусебен консензус сите координатори и други пратеници од сите парламентарни политички партии дојдовме до заедничко решение на оваа седница да предложиме усвојување на измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата“, рече Мицевски.

Станува збор за мали измени со кои во членот 5 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата зборовите „12 февруари 2024 година“ се заменува со зборовите „31 декември 2024 година“.

Ова значи дека граѓаните ќе можат да управуваат со своите возила на територијата на држава до крајот на оваа година со возачки дозволи кои го содржат името Република Македонија.

Откако предлогот за потребата од донесување на законските измени беше усвоен, Собранието со 91 глас „за“ и ниту еден „против“ и „воздржан“ го усвои дневниот ред на седницата со оваа единствена точка на дневниот ред. Продолжението на седницата собранискиот спикер ја закажа за во 16:20 часот, до кога собраниската Комисија за одбрана и и безбедност, како матично работно тело, и Законодавно правната комисија треба да ја завршат расправата во однос на предложеното законско решение. По ова, законот ќе биде повторно ставен на гласање на пленарна седница.

Претходна вестБочварски се пофали дека реконструирале преку 180 локални улици во општините
Следна вестСкопјанец најден починат пред гаража во Кисела Вода