Предупредувањата за ценовен шок ги мобилизираа и компаниите и Владата

Стопанската комора да го сублимира мислењето на компаниите, Регулаторната комисија за енергетика да ги санкционира сите снабдувачи кои неосновано, непрофесионално и бесправно ги откажуваат веќе склучените договори со компаниите, а Владата да изнајде начин да им помогне на фирмите во рамки на можностите, одлучиле на вчерашната средба владините претставници со раководството на Стопанската комора по предупредувањата за можен ценовен шок поради енормното покачување на цените на енергенсите на светските берзи.

Средбата се одржа во Стопанската комора, а учествувале премиерот Зоран Заев и претседателот на Регулаторна комисија за енергетика Марко Бислимоски.

Вчера се одржа и средба меѓу претставниците на Здружението од прехранбената индустрија и вицепремиерот Фатмир Битиќи, откако претседателот на Стопанската Комора, Бранко Азески завчера реагираше, укажувајќи дека покрај последиците од пандемијата, снабдувањето со електрична енергија во наредните години ќе биде прашање со кое ќе се занимаваме 24/7.

Како што напиша Азески, цената на електричната енергија на берзата за енергија во Будимпешта за последните 12 месеци порасна од 57 евра за мегават час на 1.01.2021 година, до 138 евра за мегават час на 27.09.2021 година. Истиот ден, Здружението за земјоделство на Комората предупреди дека храната се очекува да поскапи за 40 – 50 проценти, но и дека на тоа може да влијае државата, доколку преземе соодветни мерки кои би го ублажиле ударот од ценовниот шок врз потрошувачите. Побарана беше и конкретна финансиска поддршка за преработувачите.

Премиерот Заев, вицепемиерот Битиќи и министерот за економија, Крешник Бектеши, вчера изјавија дека состојбата будно се следи и дека ако треба, државата ќе интервенира.

Претходна вестСинот на екс функционерот на ДУИ Муса Џафери доби кривична за нападот врз Бислимовски
Следна вестЌе се прави целосна ревизија на работните места со бенефициран стаж