Предупредување од ММФ: Ризици од инфлацијата во Македонија се поврзани со опстојување на досегашниот висок раст на платите

Постојат нагорни ризици за инфлацијата во следниот период, коишто се поврзани пред сѐ со евентуалното опстојување на досегашниот висок раст на номиналните плати во економијата, предупредува во своите согледувања Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), којашто од крајот на октомври, досега, престојуваше во нашата земја. Таа беше во Македонија како дел од редовните консултации коишто произлегуваат од членството на земјава во ММФ, како и во рамките на дискусиите околу Првиот преглед на кредитната линија за претпазливост и ликвидност (ПЛЛ).

-Поради ова, се препорачува монетарната политика да остане соодветно затегната, а во случај овие ризици да се остварат, се посочува на потребата од нејзино дополнително затегнување, укажуваат од ММФ.

Во завршните согледувања се наведува дека Народната банка презеде соодветни мерки за затегнување на монетарната политика коишто осигурија преполовување на инфлацијата во однос на ланскиот максимум.

-Ваквата поставеност придонесе и за одржување на стабилноста на девизниот пазар, којашто беше надополнета и со преземените макропрудентни мерки, преку кои се зајакнува отпорноста на банкарскиот сектор, којшто и натаму е стабилен и ликвиден, се наведува од страна на Мисијата.

ММФ посочува дека во изминатите осумнаесет месеци, Народната банка соодветно ја затегнуваше монетарната поставеност, што доведе до забавување на кредитниот раст и намалување на вкупната и базичната инфлација, коишто се намалија за повеќе од половина во однос на максимумот постигнат лани, при истовремено стабилизирање и на девизниот пазар. Се додава дека надворешнотрговското салдо значително е подобрено во однос на минатата година, во еден дел под влијание на остриот пад на глобалните цени на енергијата. Ваквите движења, заедно со натамошниот прилив на странски директни инвестиции, позитивно влијаат врз девизните резерви, коишто и натаму се на соодветно ниво.

Во поглед на банкарскиот систем, ММФ смета дека тој е отпорен и покрај огромните глобални шокови, благодарение на силните биланси на банките пред почетокот на пандемијата, но и на мерките преземени од страна на централната банка за нивно дополнително зајакнување. Банките се ликвидни, добро капитализирани и профитабилни, депозитите и кредитите и натаму бележат раст, додека нефункционалните кредити се на историски најниското ниво. Мисијата на ММФ искажува поддршка за макропрудентните мерки донесени од Народната банка, коишто помагаат за задржување на финансиската стабилност преку намалување на притисоците на пазарот на недвижности.

 

Претходна вестВтор пораз за МЗТ Скопје во АБА2 лигата, следниот дуел го игра против Сутјеска
Следна вестЛевица: Мицкоски го почна тендерот за Чебрен – СДС го заврши