Преклани имало 747 нови случаи од рак на дебелото црево, се позагрозени и лица под 40 години

Во Македонија расте бројот на заболени со рак на дебелото црево при што во 2021 година имало 747 нови случаи, објави денеска Институтот за јавно здравје. Во анализата се наведува дека ова е втора водечка причина за смрт од малигни тумори.

– Секоја година во Македонија од оваа болест умираат околу 500 луѓе или 482 во 2021 година, што ја рангира оваа болест како втора водечка причина за смрт од малигни тумори и кај мажите (303) и кај жените (179) и ја прави социо-медицински проблем. Ракот на дебелото црево најчесто ги погодува постарите лица, до 70-годишна возраст, но во последната деценија е јасен тренд на зголемување на инциденцата кај младите, на возраст под 40 години, укажува ИЈЗ.

Ракот на дебелото црево е едно од најчестите малигни заболувања на модерното време, со околу 1,8 милиони нови случаи во светот секоја година, што претставува околу 10 проценти од сите случаи на малигни тумори. Точната причина за колоректалниот карцином не е целосно позната. Засега се знае дека се јавува како резултат на влијанието на наследните и еколошките фактори, исхраната и начинот на живеење. Симптомите на малигнен тумор на дебелото црево првенствено зависат од локацијата на туморот и може да се манифестираат како: крварење во столицата, неправилна столица, течна столица, синдром на ретка столица, наизменичен запек и дијареа, чувство на недоволно празнање, надуеност, отсуство на гасови и столица.

Некогаш прв и единствен симптом може да биде појавата на слабост и замор поради анемија, што е последица на долготрајно секојдневно крварење во столицата кое не ја менува бојата на столицата.

-Еден од важните проблеми при поставувањето на дијагнозата, односно рано откривање на тумор на дебелото црево, е присуството на крв во столицата, која се третира како последица на хемороидално крварење и може да доведе до погрешно поставување на дијагнозата без понатамошен преглед, односно колоноскопија, велат од ИЗЈ.

Оттаму советуваат исхраната да биде богата со природни влакна, а не да се додаваат влакната како додаток во исхраната. Се препорачува да се земаат најмалку пет порции свежо овошје (јужно овошје, јаболко, круша, слива) и зеленчук дневно. Брокулата и зелката треба да се земаат најмалку еднаш неделно. Се препорачува да се намали потрошувачката на црвено месо, не повеќе од три пати неделно и да се избегнува конзумирање на сушени месни производи, често да се јаде риба и живина како извор на протеини од животинско потекло и умерена физичка активност најмалку три пати неделно.

Претходна вестПортпаролката на ВМРО-ДПМНЕ: Срамно и жално е што Ковачевски и ДУИ го оставија народот без леб
Следна вестПриватните превозници се договорија со Арсовска, таа сега била „светло во тунелот“…