Началникот на вооружените сили на Бангладеш одлучи војниците да не пукаат врз мирни граѓани за да воведат со сила полициски час, што ја принуди поранешната премиерка Шеик Хасина Вазед да поднесе оставка и брзо да ја напушти земјата, тврдат американски медиуми.
Според двајца армиски офицери, командантот Вакер ул Заман ја објави оставката на Хасина, откако заседаваше со своите генерали преку видеоконференција и потоа ја посети резиденцијата на премиерката за да ја информира дека неговите војници нема да ги применат побараните мерки.
Пораката била јасна – Шеик Хасина веќе не може да смета на поддршката од армијата. Шеик Хасина Вазед ја напушти земјата заедно со својата сестра со воен хеликоптер.
Генералот Заман се сретна со претседателот Мохамед Шахабудин за консултации за формирање на преодна влада, на чие чело ќе биде добитникот на Нобеловата награда за мир од 2006 година, Мухамад Јунус.
Студентите кои ги предводеа масовните протести кои ја соборија Хасина одбија да прифатат влада предводена од војската и побараа од професорот Јунус да ја води привремената администрација. Одлуката да се назначи Јунус за главен советник на привремената влада уследи по средбата меѓу претседателот Мохамед Шахабудин, воените лидери и претставници на студентите.
-Кога студентите кои жртвуваа толку многу побара од мене да се вклучам во ова тешко време, како можам да кажам не?“ рече Јунус. Тој се враќа во Дака од Париз каде му беше спроведен мал медицинска зафат, изјави неговиот портпарол.