Премиерот Мицкоски најавува новини во историската комисија за Бугарија, но и за Грција

Владата ќе преземе конкретни чекори во однос на Мешовитата комисија за историски и образовни прашања меѓу Македонија и Бугарија, откако вчера премиерот Христијан Мицкоски најави дека на следната владина седница или на таа по неа ќе се знаат новите членови на македонскиот тим.

Ваквиот потег Мицкоски се очекуваше по неговите изјави дека претседателот на македонскиот дел од Комисијата, академик Драги Георгиев, коленичел пред министерски и премиерски кабинети.

Георгиев во јавните настапи во изминатите денови возврати дека изјавата на премиерот е полна со популизам, затоа што премиерот се претставува себеси како познавач и заштитник на народните интереси, кој точно знае кои се тие и на кој начин треба да се бранат.

Георгиев смета дека Мицкоски ги навредил членовите на Комисијата, дополнувајќи дека со промената на членовите ќе покаже и кои се луѓето што ќе ги одбранат.

За конкретизирање на имињата на новите членови на Комисијата Мицкоски рече дека ќе се консултира со министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.

–На следната владина седница или на таа по неа ќе се знаат новите членови на македонскиот тим од Мешовитата комисија за историски и образовни прашања меѓу Македонија и Бугарија. Деновиве очекувам да се видам со министерот за надворешни работи и надворешна трговија. Тој е сега надвор од државата, мислам дека вчера беше во Блед, денеска во Белград, а потоа оди на друго место. Кога ќе се видам, ќе ги прецизираме.

Има некои идеи, има некои размисли. Мислам дека на следната или по таа владина седница ќе помине новиот состав на Комисијата која што преговара за историските прашања со нашиот источен сосед, па и со нашиот јужен, изјави Мицкоски.

Според него, актуелниот состав на Комисијата од македонска страна не ги оправдала очекувањата и не ги штитела националните интереси.

Претходна вестПомалку трошоци повеќе за тебе е новата мерка на Владата за училишен прибор
Следна вестНа денешен ден пред 15 години потона бродот „Илинден“ во Охридското Езеро