Министерот за здравство Венко Филипче вечерва реагираше на изјавата на претседателот Стево Пендаровски кој по седницата на Советот за безбедност, оцени дека сликите како наши граѓани во голем број овој викенд се вакцинираа во Србија е срам за државата.
Според Филипче, тоа не било срам, туку израз на солидарност, а на Пендаровски му порача дека и тој требало да се вклучи во обезбедувањето вакцини, а не само Владата.
-Изненаден сум од изјавата на претседателот Пендаровски, сликите од Србија не се срам, тоа е одраз на солидарност во услови на криза. Покрај нашите граѓани се вакцинираа и граѓани на соседните земји, но ниеден претседател не рече дека е тоа срам за неговата земја. Владата прави максимални напори да обезбеди вакцини, а вакцинацијата започнува веќе од утре. Претседателот на државата како институција исто така би требало да игра значајна улога во сите овие процеси на набавки. За жал, конкретна поддршка од Пендаровски изостана, се вели во кусата изјава на Филипче.
-Благодарност до Србија, но тоа беше срам за нашата држава. Такви слики едноставно не може да се повторат, изјави денеска Пендаровски, одговарајќи на новинарско прашање, како ја толкува масовната вакцинација на нашите граѓани во Србија.