Дали Преспански договор кој Македонија го потпишала со Грција ги дискриминира македонските граѓани по основ на национална припадност и правото на слобода на уверување? На ова денеска треба да одговорат уставните судии кои ќе ја разгледуваат иницијативата на универзитетската професорка Тања Каракамишева. Во иницијативата поднесена до Уставниот суд таа бара да и се заштитат слободи и права на кои има уставни права како граѓанин.
Во соопштението на Уставниот суд се наведува дека Каракамишева тврди дека и се повредени правата содржани во членот 110 од македонскиот Устав.
-Според подносителката на Барањето, повредено е правото на забрана од дискриминација по основ на национална припадност и правото на слобода на уверување, совеста, мислата и јавното изразување на мислата од член 110 став 1 алинеја 3 од Уставот, гарантирани со меѓународни документи. Подносителката смета дека повредата на горенаведените права била направена со дејството потпишување на поединечен акт, односно потпишување на „Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во Резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите Нации,за престанување на важноста на привремената Спогодба од 1995 и за воспоставување на стратешко партнерство помеѓу страните склучена во Преспа (Нивици) Грција на 17.06.2018 меѓу „Првата страна” Грција претставувана од министерот за надворешни работи Никос Косијас и „Втората страна” (безимена држава) претставувана од министерот за надворешни работи, Никола Димитров, се наведува во соопштението на Судот.
Каракамишева вчера на Фејбук напиша дека со Преспански договор е прекршено меѓународно право.
-Со Конечната спогодба (Договорот од Преспа) ни се наметна ново државно име, ни се забрани да имаме национално име по свој избор и национален идентитет каков што самите го чувствуваме и одлучуваме за него што е спротивно на меѓународното право и на сите европски документи за човекови права. Просто е невозможно да прифатам дека во Р. Македонија може да има Албански театар, Турски народен театар, а да нема, односно да се укине и забрани моето право да имам Македонски театар, Македонска опера и балет, да гледам Македонска радио и телевизија. Не може да ми се укине правото на заштита да членувам и да имам активности со македонски културно-уметнички друштва кои имаат настапи во странство, финансирани од владини проекти за култура и слично, потенцира Каракамишева.