Преспанското Езеро да чека помош од дождот или од функционерите кои живеат на облаците?

Сантиметар повисоко, ама метри пониско…, вака во изминативе години се движи водостојот на Преспанското Езеро. На свој начин тоа го потврдија и завчерашните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи.

Водостојот на Преспанското Езеро е понизок за 2,14 метри во однос на повеќегодишниот просек за април, а од вчера до утрово е зголемен за 1 сантиметар, соопшти завчера Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Значи, дождот се труди да помогне, ама треба да запнат и луѓето. А луѓето поставени на најодговорните места во Македонија се чини заборавија дека Преспанско Езеро има проблем. Затоа и состојбата на нашето најголемо езеро никако да се подобри и постепено уште повеќе се влошува.

Лани во август, на пример, УХМР соопшти дека нивото му било за 1,85 метри пониско од повеќегодишниот просек за тој период од годината. Односно, нивото е речиси постојано за околу два метра пониско од просечните во било кој период од годината.

Зошто не се преземаат поконкретни мерки за спас на езерото?

Многу ветувања за тоа имаше. Многу состаноци до сега се одржани на оваа тема меѓу Македонија, Грција и Албанија, како држави кои го споделуваат Езерото, со цел да се најдат решенија, но ништо од тоа. И она што се прави како помош од ЕУ, или, пак, што го прави сама македонска страна, малку надежи дава дека ќе се врати нормалниот изглед и живот на езерото.

Доскорешниот премиер Димитар Ковачевски лани во јануари најави дека ќе мора да се изработи анализа врз основа на која ќе се определат мерки и активности.

-Државата ќе преземе сѐ што е во нејзина надлежност и можности во однос на непогодата која му се случува на Езерото. Во следниот преиод ќе мора да се изработи анализа врз основа на која ќе можат да се определат активности и мерки за тоа како да се спаси Преспанското Езеро, исто како што во минатото беше направено и со Охридското. Се работи за проект кој ќе треба да биде поддржан и од наши партнери финансиски, но државата нема да го остави Преспанското Езеро така, рече Ковачевски.

Меѓутоа, на теренот нема значителни активности што значи дека губењето на водата ќе продолжи. А тоа веќе добива загрижувачки размери. Крајно време е од сите тие бројни состаноци, акциски планови и анализи, да произлезат и некои конкретни предлози и акции.

Во спротивно, ќе го чекаме дождот да ни ја заврши работата. Функционериве нека ги повикаат облаците и онака како на нив да „живеат“.

 

Претходна вестСкендер Реџепи: На 8 мај лично не би гласал ни за едниот, ни за другиот
Следна вестОБСЕ/ОДИХР со позитивна оценка за изборниот ден, потребна е поголема политичка волја за да се надминат недостатоците