Општината Центар треба да плати речиси 150 милиони денари на тужителот Друштво за градежништво „Пелагонија Гостивар“. Ова е пресудата што ја донесе Апелациониот суд по десетгодишна судска постапка. Тужбата е поради проектот со катната гаража во близина на МОН кој е запрен. Во 2013/2014 година, откако веќе беше споведена јавна набавка, се одлучи дека нема потреба од катна гаража, туку тие пари ќе се пренаменат за изградба на основното училиште „Киро Глигоров“. Тогаш фирмата Пелагонија ја покрена судската постапка која траеше една деценија, а сега стигна пресуда за исплата на средства. Од Општина Центар велат дека сега се соочуваат со голем проблем, кој е направен во време на нивните претходници, а тие сега ќе треба да направат прераспределба на средства од буџетот.
– Со домаќинско работење, успеавме да направиме да не ни биде блокиран буџетот и да продолжат да се реализираат проектите за граѓаните. Затоа сега правиме ребаланс на буџетот и ќе мораме да намалиме на планираните расходи за оваа година, информираат од Општина Центар.
Проектот со катната гаража е запрен, фирмата всушност бара исплата за испуштена корист, судот одлучи во нивната корист, но од општината велат дека сега ќе поднесат ревизија до Врховен суд и очекуваат сумата да биде намалена.
Во 2018 година, компанијата ја тужеше Општина Центар и го доби спорот во кој докажуваше дека е оштетена што тогашниот градоначалник Андреј Жерновски го раскинал договорот за изградба на катна гаража. Тогаш сметката на општината беше две недели блокирана.
На денешната седница во општина Центар, како 27 точка и последна на дневен ред беше предлог суспензивен елаборат за Дебар маало, но тоа не се разгледа бидејќи советниците немале конкрени информации.