Четири условни и четири затворски казни беа изречени денеска во Основниот кривичен суд во Скопје за осум лица – поранешни функционери во Владата и во ВМРО-ДПМНЕ, како и други обвинети лица кои на минатото судско рочиште решија да признаат вина во предметот „Титаник“ кој се однесува на кривични дела против изборите и гласањето за парламентарните избори во 2011 и локалните избори 2013 година.
Казните кои ги соопшти судечкиот совет на чело со судијата Осман Шабани се:
Гордана Јанкулоска – затворска казна од 2 години и 6 месеци
Мартин Протуѓер – условна казна затвор од 2 години која нема да се изврши ако во рок од 5 години не стори ново кривично дело
Миле Јанакиески – затворска казна од 4 години и 6 месеци
Билјана Бришковска-Бошковски – условна казна затвор од 2 години која нема да се изврши ако во рок од 5 години не стори ново кривично дело
Катерина Веловска – условна казна затвор од 2 години која нема да се изврши ако во рок од 5 години не стори ново кривично дело
Киро Тодоровски – условна казна затвор од 2 години која нема да се изврши ако во рок од 5 години не стори ново кривично дело
Мунир Пепиќ – затворска казна од 1 година
Коста Митровски – затворска казна од 3 години
„Титаник“ е првиот случај за кој своевремено, на почетокот на 2016, Специјалното јавно обвинителство (СЈО) отвори истрага.