Правилото – пропорционално учество на партиите во Владата е едно можно решение кое би донело просперитет во Македонија, e предлог на претседателот на МАНУ академик Љупчо Коцарев. Во колумната која денеска ја објавува весникот „Нова Македонија“ Коцарев смета дека ова правило би можело да ја подобри демократијата во земјава која е во опаѓање.
-Кои правила ќе донесат просперитет во Македонија? Правилото: пропорционално учество, на пример, е едно можно решение. Тоа значи партиите учествуваат во формирање на Владата процентуално со добиените изборни гласови. Би сакал да потенцирам дека ова е краток текст, колумна, потребна е подетална анализа не само на ова туку и на другите можни правила. Од друга страна, ова е само потребен, но не и доволен услов Македонија конечно да излезе од 30-годишната зачмаеност. Со други зборови, треба уште многу други работи да се сменат, за што ќе се пишува наскоро во еден друг текст, наведува во колумната Коцарев.
Во текстот тој укажува дека досегашниот принцип на формирање на влади довел до делумно распаѓање на македонското општество.
-Правилото победникот добива сè, според кое се формираа сите влади во Македонија од независноста до денес, според сите индикатори и анализи, доведе до делумно распаѓање на македонското општество. Тоа се случи, во голема мера, поради внатрешните политички превирања, отсуството на владеење на правото, неспособноста и ароганцијата на домашните политички елити, изразената корупција, криминалот и алчноста на политичарите. За македонските политичари важноста на изборната победа и останувањето на власт секогаш имаа предност пред сè друго. Предупредувањата на Платон, Хобс и другите современи мислители, за жал, станаа стварност во Македонија, укажува претседателот на МАНУ.
Тој додава дека, парадоксално, но практикувањето демократија во Македонија од независноста до денес доведе до нејзино намалување.
Целата колумна објавена во „Нова Македонија“ погледнете ја тука.