На контрапродуктивноста на поделбите во македонското национално ткиво, но и потребата да се редефинира патриотизмот, беа само дел од пораките кои денеска во последното годишно обраќање пред Собранието ги испрати шефот на државата Стево Пендаровски. Тој прво зборуваше за негативните последици кои ги има поделеноста на македонското национално ткиво, нагласувајќи оти таа е плодна почна за странските пропаганди.
-Поделбите во македонското национално ткиво за ова прашање се контрапродуктивни за виталноста на нашата кауза. Во таа смисла, обновените странски пропаганди „одлично“ си ја вршат својата работа, практично без прекин, повеќе од еден век, така што нема потреба ние дополнително да копаме за да го продлабочиме јазот меѓу нас, истакна Пендаровски.
Тој додаде дека во јавниот простор, на социјалните мрежи последниве години се водат вистински војни за тоа кој е поголем патриот или предавник.
-Крајно време е да го редефинираме патриотизмот, кој во една модерна форма, индивидуално и колективно треба да се темели на интегритетот на личноста и лојалноста кон државата. Патриотизам е кога не ја злоупотребувате функцијата за лично богатење, кога квалификувани лица доаѓаат на чело на институциите. Патриотизам е кога оставате простор вашите политичките противници слободно да го кажат своето мислење, кога покажувате витешки однос кон оние со кои не се согласувате, патриоти се оние кои работат за подобри јавни услуги, подобро образование и здравство, патриотите не ја загадуваат животната средина, истакна Пендаровски во обраќањето пред пратениците.