Зошто обединетата албанска опозиција се наоѓа под невиден притисок од сите страни да не исфрли свој кандидат за претседател на престојните избори? Засега единствено е извесно дека ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ќе излезат со свои кандидати за претседател на државата. Двете партии имаат повеќе од 30 пратеници кои што се предуслов за истакнување кандидатура за претседател, ВМРО-ДПМНЕ ја закажа и својата конвенција за 2 март, а СДСМ излезе со оглас за самокандидирање. Своја најава за истакнување кандидати најавија и движењето „Знам“, Левица, а и други партии, движења или поединци, но пред нив стои планината од десет илјади потписи.
Далеку повозбудлива епизода од овогодинешната претседателска сага е прашањето со кандидатот или кандидатите од партиите на македонските Албанци. Коалицијата на Беса, Алтернатива и Демократското движење, очигледно е конкретен предизвик за ДУИ штом таа партија покажува толку нервоза во последно време. Тие јасно кажаа дека се во потрага по кандидат кој што ќе ја канализира опозициската енергија во албанскиот блок и ќе го олесни патот до долгоочекуваниот изборен пораз на ДУИ. Во јавноста се зборува дека широко ја фрлиле нивната мрежа, па во изборот влегуваат и видни интелектуалци и луѓе од бизнисот и некогашните перјаници на ПДП, па и истакнатите општественици блиски до некогашното движење на Арбен Џафери.
Али Ахмети не сака да дозволи обединетата албанска опозиција да истакне кандидат по ниту една цена. Доколку тие излезат со кандидат и ДУИ ќе биде принудена да излезе самостојно на претседателските избори. Пред првиот круг единствената приказна во јавноста ќе биде исклучиво за претседатските кандидати и јавноста жедно ќе ја следи нивната борба. Парламентарните избори ќе станат интересни и ќе влезат во фокусот дури по 24 април. Доколку ДУИ го поддржи Стево Пендаровски тогаш Али Ахмети (и ДУИ) ќе бидат само придружни вокали во кампањата на СДСМ. Тие тоа и некако би го голтнале ако обединетата албанска опозиција не излезе со свој кандидат. Но, силен кандидат на Европскиот сојуз на промени може да ги обедини копнежите на македонските Албанци за промени, па ДУИ ќе мора да се соочи со таквото сценарио преку исфрлување на нивни кандидат.
Ете, ова се мачните претседателски равенки на Али Ахмети – по секоја цена да се спречи да биде истакнат кандидат за претседател Албанец, критичен кон ДУИ. Затоа Мала Речица смислува нон-пејпери, се повикува на Американци, Европејци, масони, розенкројцери и илуминати, раскажува за сценарија, заговори, мастер-планови и слично. Уште поналудничаво е тоа што СДСМ им терцира во овие потфати кои може сериозно да предизвикаат дестабилизација. Се мачи Ахмети со оваа тешка равенка, но секако дека гласачите лесно ќе ја решат на 8 мај.