Кој вели дека требало прво да сме во ЕУ па да почнеме да ги решаваме проблемите?

Колумна на Владимир Величковски:

 Само пред избори партиите живнуваат, ама и понатаму нема што да кажат ниту имаат предлог што би направиле, а да биде полезно за народот. Што ќе се случи во првите сто дена од мандатот на новата влада, чие формирање не поминува без пазарење? Можеби ќе се случат брзи уставни промени. И ЕУ ги менува критериумите за консензус при донесување одлуки. Кој ја спречува, впрочем бугарската влада да спроведува интензивна асимилација, а во светот да се отвораат нови воени жаришта и крвав геноцид. Кризата, не од денес добива застрашувачки глобални димензии. Добар дел од она што е ветено, не се остварува. Скопје не доби компетентен и одговорен градоначалник кој ќе се грижи за подобар живот на граѓаните. Секојдневно има протести, а градот ќе остане и без јавен превоз. Никнуваат, на диво згради и населби, но и спомениците се дивоградби. Колку е бедно кога ќе видите како вицепремиер избегнува да одговори на новинарско прашање?!

Македонија е поделена по сите основи, а некои партии се свртени повеќе кон Тирана и Приштина отколку кон решавање на проблемите и иднината во македонската држава. Македонската дипломатија е во криза, а кога од позиција на власт личниот интерес го претвораш во државен е – просто  криминално. Не е познато што се случува со коридор 8 и 10, а се исплатуваат големи пари, како и за други почнати, но незавршени патишта и железница. Во светот остро се казнува насилно влегување во значајни државна институција, а насилството што се случи во кулата на скопскиот М-НАВ поминува, како по обичај неказнето, или „секое чудо за три дена.“ До кога ќе трае овој хаос и безаконие?

Кога медиумите ќе почнат да зборуваат на тема менталното здравје и образованието на младите (зошто не и за возрасните?) сите ќе почнат да дебатираат, но со општи фрази без конкретни примери и сознанија. Младите учат од лоши примери. Создадена е атмосфера на несигурност и тензичност, на дискриминација, заради дисбалансот меѓу стручниот кадар на невработени и дилетантизмот на превработени што е резултат на страшната партизација. Денеска тешко е да се препознае вистинска информација од толкаво бомбардирање со дезинформации и режирани афери. Кој вели дека требало прво да станеме членка на ЕУ па да почнеме да ги решаваме проблемите? Зошто „црната листа“ мора да биде толку пресудна за оваа држава? Неправди на секој чекор, но зошто амнестирање за направени злодела?

Долги редици на стари и млади, на здрави и болни долго чекаат за пасош и лична карта – се заради она – Северна. Колку грда слика за евидентен организаторски хаос. На Богојавление – Водици кога седумнаесетгодишниот Ѓорѓи Николовски излезе од водите на Вардар, со Светиот крст во рака скромно ни порача, но одекна: Да се обедини Македонија, македонскиот народ, и се најдобро! Нема место за омраза и одмаздољубивост, особено за незнаење и некомпетентност. Младите сеуште бираат партиски шинел а секако најмногу учат од лоши примери. Еден јадник упорно, згрчен лежи пред влезот на Сити мол, а кучињата не ретко влегуваат внатре, на топло.

Претходна вестКако баш пред избори им текна за делење 7.000 ваучери за инвертери?
Следна вестТалат Џафери три дена парадира низ државата, како патувачки циркус, велат од ВМРО-ДПМНЕ