Како баш пред избори им текна за делење 7.000 ваучери за инвертери?

Намалувањето на потрошувачката на струјата, заштеди, замена на печките на дрва со инвертери, намалување на загадувањето на воздухот… ова се постојани рефрени на власта во изминативе години. За тоа има и причини: чадот од оџаците на домаќинствата е голем аеро-загадувач, старите клима – уреди веќе се прескапи за одржување и недоволно греаат…

Власта многупати до сега се најавуваа и планови, мерки… околу ова. И еве сега пред избори ќе реализира една мерка:

Министрите се сетија на она што го ветуваа пред шест години па сега објавија дека ќе доделува ваучери за набавка на инвертер клима – уреди. Од денеска, како што вчера најави министерот за економија Крешник Бектеши, граѓаните може да се пријавуваат за доделување на околу 7.000 ваучери за набавка на овие енергетски уреди. За тоа ќе се одвојат дури 4,1 милион евра, а граѓаните од повеќе општини може да конкурираат за ваучери во вредност од 30.000, 25.000 денари…

Да, намерата е за поздравување. Но, не можеше ли огласот за ова да се распише многу порано? На пример, во есен минатата година, пред настапот на зимскиот период кога загадувањето на воздухот е најголемо. Вака, граѓаните сега ќе конкурираат, па додека сето тоа се заврши… ќе дојдат изборите.

Дали можеби баш поради тоа и делењето на ваучерите е темпирано за предизборниот период? Односно, дали се е темпирано за да граѓаните запаметат што добиле од Владата како парична помош баш пред гласањето?

За потсетување: Најголем беше Планот за чист воздух од 2018 година кога Владата најави намера да се сменат 20.000 нееколошки печки во домаќинствата, набавка на 20.000 инвертери, подобрување на енергетската ефикасност во домовите за 10.000 домаќинства, приклучување на 3.000 домаќинства на гас, промена на начинот на греењето кај 2.000 социјално ранливи домаќинства…

Голем и добар план, со кој се предвидуваше намалувањето на загадувањето за 50 проценти. Но, на крајот, многу малку од тоа се реализира. Изгледа требаше да има избори на секои 6 месеци.

Претходна вестСпасен заглавен турски државјанин меѓу струмичкото село Коњарево и граничниот премин со Бугарија
Следна вестКој вели дека требало прво да сме во ЕУ па да почнеме да ги решаваме проблемите?