Силен удар претрпела Украина кај градот Авдиевка кој веќе е во рацете на руската армија. Имено, стотици украински војници исчезнаа или се заробени од руски единици за време на нивното хаотично повлекување од Авдиевка, објави „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на високи западни претставници и војници кои се борат за Украина.
– Тоа е катастрофална загуба за Киев што може да му нанесе удар на веќе ослабениот морал по минатогодишната неуспешна контраофанзива и смената на главниот командант Валериј Залужни, наведува весникот.
Процените за тоа колку Украинци се заробени или исчезнати варираат, а засега не е познат точниот број. Американскиот весник се повикува на двајца украински војници и наведува дека од 850 до 1.000 војници се заробени или исчезнати.
Русија на 10 октомври минатата година го нападна стратешки важниот град Авдиевка, лоциран во близина на регионалниот главен град Доњецк кој одамна се сепарира од Украина. Русија соопшти дека на 17 февруари градот е „целосно ослободен“ откако Украина потврди дека ги повлекува своите сили од градот.