Приказна за „датумот“: Конечно во ЕУ сфатија дека не е доволно само да ветуваат, ама…

Приказната за ЕУ и „датумот“ кој Македонија го чека со децении уште трае. Евробирократите понекогаш ни прераскажуваат делови од сказната – сигурно ќе влезете во Унијата, а почесто ни повторуваат – треба ова и ова и ова да го извршите, направите, смените… Некогаш во четивото додаваат и дека требало да затнеме нос и да голтнеме нешто што не било правично…

Во таквата приказна, високи функционери од Брисел самоуверено раскажуваат дека „ЕУ е градина“, додека „добар дел од остатокот од светот е џунгла“.

Ќе трае уште оваа приказна или ќе напишат ново сценарио во Брисел оти веќе многумина слушачи од „џунглата“ сватија дека старата е лоша, па и арогантна престава?

Да, Европската Унија понекогаш кога ќе види дека претерала со приказнава знае да каже дека е направена грешка со односот кон Македонија во процесот на нашата евроинтеграција, ама по кратрко време пак си тера по старото. Едно ќе кажат, друго ќе прават.

Е, оваа појава ја забележала и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и вчера изјави дека во ЕУ сфатиле…

– Не е доволно само да се каже дека вратата е отворена. Ние, исто така, мора да преземеме одговорност и да го поддржиме нивниот пат кон нашата Унија на секој можен начин. Ова е причината зошто го создадовме нашиот План за раст за Западен Балкан, рече Фон дер Лајен.

Како ќе оди реализацијата на Планот, останува да се види. Може овој пат навистина и нам ќе ни дозволат да се прошетаме низ „градината“. Но, и опасноста е пак иста: да се остане само на зборови, а во пракса пак да не се прави она што е ветено, и „градината“ ќе ни дозволат да ја гледаме со двоглед. Секако, потоа, пак во некои нови светски геостратешки ситуации ќе се слушат истите зборови од Брисел: направивме грешка…, требаше вака…, сфативме дека…, многу сакаме да влезете во ЕУ…

Проблемот е што со ваквиот однос се губат драгоцени години во кои земји-кандидати стагнираат оставени-ставени на пат без јасен крај. Поминаа цели пет години откако, на пример, Македонија ги доби првите признанија дека кон неа се прават грешки. Така, на пример, во 2019 година, по самитот на лидерите на ЕУ кога нашат земја и Албанија не го добија почетокто на преговорите, тогашниот претседател на ЕК Жан Клод Јункер и претседател на Европскиот Совет Доналд Туск најдиректно кажуваа дека „се работи за историска грешка“. Исто како што кажуваа и другите функционери, се до минатомесечната изјава на претседателот на Комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент, Дејвид Мекалистер кој изјави дека „Европската Унија правела грешки во процесот на проширување на Западен Балкан и не исполнила некои свои ветувања“… 

И?

На потег е „градината“. Се надеваме дека нема пак само задачи на „џунглата“ да дава. И во нејзините цветни дворишта има ќошиња, па и поголемки делови, кои треба да се средат од трња и коров.

Претходна вестПутин: Русија е подготвена за нуклеарна војна, но не брза кон неа
Следна вестДеспотовски: Да ги платиме нашите луѓе повеќе за да останат дома, а не да увезуваме странци