Прилепчанецот Горан Димески утрово бил пронајден мртов на клупа пред болницата во градот, во која ја лекувал раната на ампутираната нога, а неговиот брат обвинува дека тој вчера бил исфрлен од болничките служби, објави телевизија „Алфа“.
Починатиот 51-годишен човек бил бездомник, а членови на неговото семејство сега најавуваат дека ќе ја тужат болницата, која ја обвиниваат за негрижа.
-Вчера дојдов да го посетам брат ми сабајлето и слеговме долу, тој е со ампутирана нога, слеговме долу со количката, го истуркав да пиеме кафе, излеговме во дворот. Едно време дојдоа некои личности ко бодигарди, и во униформа и без униформа, дојдоа и ги фрлија ранците од брат ми. Не видов јас ни кога пакувале, ни што спакувале, ни што имало во ранците, и му рекоа – ти, да те нема од Болницава. Зошто како – не знам, изјави за дописничката на „Алфа“ од Прилеп Зоран Димески, брат на починатиот Горан.
Зоран побарал лекувањето да биде продолжено, бидејќи раната на ампутираната нога на брат му крварела и гноела, а имал и оток со болки. Но, тој вели дека службите во Болницата не им дозволиле повторно да влезат. По ова, Димески побарал помош и од социјалните служби, кои исто така процениле дека пациентот не е за домашно лекување. Но, Горан вели дека ни тоа не помогнало неговиот брат да биде повторно примен во болницата. Тој останал на една од клупите, со надеж дека некој ќе се смилува и повторно ќе го врати на Ортопедското одделение.
-Така го пуштија, како терминатор, од системи го симнаа и го пуштија надвор. Јас не сакав ризик да преземам и му реков – ќе те оставам брат, овде, белки ќе се најде некој од мајка роден во оваа наша болница… тие, не се најде никој во 30 часа некој да му излезе во пресрет. Секретарката рече ќе дојде ортопед да го види, ни дојде ни ништо“, вели видно вознемирен братот Зоран во изјавата за телевизијата.
Кога видел дека нема да успее да го врати во Болницата, Зоран извадил документ за Горан од денеска да биде сместен во Старскиот дом, иако раната не му била заздравена, а немал ни отпусна листа. Но, Горан тоа не го дочекал и починал на клупата каде што вечерта го оставил брат му.
-Сношти го оставив, му донесов ќебе, му донесов сокче, му донесов да јаде нешто и му реков – брат, да те земам дома ми е страв, гној имаше на ногата, да не направиме триста глупости. Овде стој, камери има, ќе те види некој и ќе те прибере… сабајле се јавив да го слушнам, да му кажам дека ќе дојдам да го видам, ми се јавува службено лице од МВР, ми вика да дојдеш ваму. Одам, брат ми – покриен со ќебето, вели – починат е, раскажа братот Зоран.
Од Болницата за „Алфа“ велат дека на пациентот му била пружена сета потребна здравствена грижа, дури и подолго од што требало. Бил отпуштен бидејќи му завршило болничкото лекување, но добил препораки за понатамошно домашно лекување и преврски.
Телото е предадено на обдукција, а за смртта биле известени и сите надлежни институции.
фото: ТВ Алфа