Колумна на Никола Тасев:
Македонија има многу проблеми. Од кој да се почне да се решаваат? Кој е приоритетен? Тешко прашање, нели? Нашите функционери не знаат да го одговорат. Се трудат, кажуваат, ова е приоритет – она е приоритет, ама ниту тие стануваат вистински приоритети, ниту пак се решаваат.
Едноставно немаат план и повеќегодишна стратегија: каде и како ја гледаат државата по 10 години. А кога пак имаат некаков приоритет го најавуваат и го забораваат или бараат нов да најдат. Затоа пак кога се во прашање личните приоритети на функционерите или луѓето блиски до врвот на партијата на власт секогаш знаат да го погодат и се подготвени да дадат се од себе, за да се реализира, ако треба и на штета на буџетот. Пред два дена заседаваше Советот за безбедност. Сите чекавме конечно некој приоритет да биде нагласен и решен. Ама главна тема беа авганистанските бегалци, а за речиси 6.300 Македонци починати од Короната ниту збор. Ниту збор ни за трагедијата во Тетово. За државниот врв, тоа што секојдневно умираат по триесетина луѓе, не е приоритетно прашање. Огромната смртност на населението не е висок безбедносен проблем за Претседателот и за Премиерот да разговараат за тоа. А една од основните задачи на тие функции е да се грижат за безбедноста на населението. Во изминатите 30 години од независноста се погрешија многу приоритети за развојот на Македонија. Уште од времето на приватизацијата на државните компании, наместо во фокусот да биде јавниот интерес и да се направи успешна трансформација на општествениот капитал, на тогашните власти во преден план им беше личниот приоритет – да ги подарат фирмите на директорите и на своите пријатели. Се утнаа приоритетите или воопшто не постоеја и во земјоделството и сточарството.
Ако се гледаат програмите на сите партии досега меѓу главните заложби е дека „Македонија ќе ја храни Европа”. Е ако навистина властите поработеа искрено на тој приоритет, наместо да ги уништат големите комбинати и да ги подарат плодните земјишта на нивните „првенци”, реално е Македонија да ја храни Европа. Наместо тоа, плачат земјоделците секоја година заради понижувачките и уценувачките откупни цени, а со месеци (некогаш и години) чекаат да им се исплатат парите. А ветените субвенции кои треба да се навремени, а најчесто се исплаќаат пред избори, секоја власт ги користи како изборен потткуп. Партискиот приоритет се става пред државниот.
Дали младите ни се приоритет? Што прави државата за нив, освен што брои колку млади момчиња и девојки, па и цели семејства трајно се иселуваат. А патната инфраструктура, образованието, чистиот воздух, туристичката промоција… каде се на листата на приоритети?
Додуша Владата на својата веб страница објавила 8 стратешки приоритети и за секој од нив може да се напише по неколку книги како посветеноста кон сите, освен кон оној за реализација на Охридскиот рамковен договор, е еднаква на нула. Дал да тргнеш од приоритетот за владеење на правото и борбата против корупцијата или за квалитетно образование или пак оној за здрава животна средина и чист воздух или пак за модерна и ефикасна админситрација. Кога еднаш некоја власт ќе ги почитува сопствените приоритети?
На Македонија и треба најмалку десетгодишна јасна стратегија, план, проект за развој, каде ќе се движи државата со прецизни приритети во сите базични области. И сите влади, без разлика на персонален и партиски состав треба да се држат во тоа. Ама наместо тоа сега ќе се изнаслушаме за приоритети во локалата. Потоа се знае – ќе се бараат приоритети во централата… И така барајќи и најавувајќи приоритети си врви нивното владеење. А Македонија страда!