Од денеска Градот Скопје го почна реконструирањето на дел од улицата „Никола Карев“, од крстосницата со булеварот „Кузман Јосифовски – Питу“ до крстосницата со улица „Ѓуро Ѓоновиќ“. Таму денеска беше и градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска која изврши увид во отпочнување на градежните работи.
– Станува збор за фреквентна улица која поврзува клучни сообраќајници во Скопје, која е во непосредна близина на Меѓуградската автобуска станица. Реконструкцијата на улицата „Никола Карев“ се реализира на барање на граѓаните со што исполнуваме уште едно ветување од програмата „За модерно Скопје” затоа што потребите на граѓаните се наш приоритет, истакна градоначалничката Арсовска.
На овој дел од улицата „Никола Карев“ се врши реконструкција на коловозот, нивелација на шахтите и на сливниците, како и поставување на хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација, а градежните работи ги изведуваат екипите на јавното претпријатие „Улици и патишта Скопје”.
Реконструкцијата, меѓутоа, нема да продолжи понатаму и да ја опфати улицата „Беласица“ со истоимениот мост којашто започнува од крајот на „Никола Карев“ на крсотсницата со „Ѓуро Ѓоновиќ“. Тоа, извесно, ќе остане за некоја следна прилика. Сигурно, сега се чека и на завршувањето на санацијата на опожарениот мост „Беласица“ и на топловодниот цевковод којшто се наоѓа во неговиот долен дел. Таму, државното препријатие ЕСМ на 20-ти октомври објави дека е отпочаната санацијата, односно, промената на цевките. До каде е овој зафат и кога ќе биде завршен, нема најави. Во денешното соопштение не се наведува дали градоначалничката Арсовска се заинтересирала и за тоа до каде е реконструкцијата на мостот „Белесица“? По мостот, кој е во надлежност на градската управа, се уште се вози само по една лента, а се уште останаа и дилеми во јавноста околу неговата стабилност…